Safiye Karabacak
31 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
ГАЗА (АА) - Појасот Газа веќе со години е соочен со проблемот на недостаток на градежен материјал поради апсолутната израелска блокада на тој регион, а со цел да се ублажи таа криза, две млади палестински инженерки создадоа незапаливи брикети и тули од пепел од дрво и јаглен, јавува Anadolu Agency (AA).
Маџид aл-Мишерави и Раван Абдулљатиф неодамна ги завршија студиите на Градежниот факултет при Универзитетот во Газа, а со посветен труд создадоа нов вид градежен материјал со цел барем малку да им помогнат на своите сожители во Газа, која веќе одамна е разурната од претходните израелски напади, а обновата во услови на израелска блокада се чини неизводлива.
Ал-Мишерави во разговор за АА истакна дека новиот градежен материјал бил создаден по голем број неуспешни обиди, но дека волјата победила бидејќи не се откажувале.
Младите инженерки своите брикети ги испратија и до институт во Јапонија, од каде што добија позитивен одговор дека брикетите можат со сигурност да се користат во градежништвото.
Институтот од Јапонија даде највисоки оцени за изумот, а двете млади инженерки се повикани и овие денови се подготвуваат да отпатуваат во посета на тој јапонски центар.
„Брикетите ги правиме од пепел од дрво и јаглен. Исклучително се лесни, а воено и цврсти, отпорни и незапаливи. Производството е поевтино за 30 отсто во однос на камените тули. Ова е производ што со пријателката го измислив во текот на шестмесечна посветена работа“, изјави Ал-Мишерави.
Ал-Мишерави истакнува дека со израелската блокада, Газа е претворена во најголем светски затвор на отворено, и дека еден од најголемите проблеми во тој регион е забраната за увоз на камен, песок и цемент. Токму тоа бил мотивот да се работи на проектот за алтернативни градежни материјали.
„Нашиот изум е прифатен во Газа и од експертите и народот. Во август минатата година за првпат беше употребена нашата тула во изградбата на една куќа, а оттогаш побарувачката е сѐ поголема. Моменталната количина на пепел со кој располагаме е доволна за годишно производство, а во тој период веќе размислуваме за нови алтернативи“, изјави Ал-Мишерави.