Ayşe Doğru
31 Јануари 2022•Ажурирај: 01 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Во американската сојузна држава Флорида регистрирани се најниските температури во последните 10 години, поради што игуаните, чии тела се смрзнати поради студот, паѓаат од дрвјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на „Би-би-си“ (BBC), од Националната метеоролошка служба (NWS) се наведува дека на југот на Флорида, една од најсончевите сојузни држави во САД, вчера температурите паднале до 4 степени под нулата, со што измерени се најстудените денови во последните 10 години.
Националната метеоролошка служба на својот профил на Твитер напиша дека игуаните се ладнокрвни животни и го користат сонцето и природната температура на воздухот за да го одржат своето тело топло.
Во објавата се предупредува дека игуаните стануваат неактивни како резултат на падот на нивната телесна температура под одреден степен и дека можат да „смрзнат“ и да паднат во кома.
Меѓу другото, од жителите на Јужна Флорида побарано е да не ги допираат животните, а исто така се наведува дека тие не се умрени.
Бројни жители на Флорида на социјалните мрежи споделија фотографии од игуани што лежат неподвижни на грб или на стомак.
Од денеска се очекува пораст на температурите во сојузната држава.