Атлантскиот Океан, кој го обликува животот во Сенегал, се соочува со сè поголеми закани
- Оваа година Светскиот ден на океаните – 8 јуни повторно ги донесе на дневен ред повиците за заштита на океаните што го обликуваат економскиот и социјалниот живот на Сенегал
Fatma Esma Arslan Özdel
11 Јуни 2026•Ажурирано: 11 Јуни 2026
photo: Cem Özdel / AA
ДАКАР
Во Сенегал, земја во Западна Африка која излегува на Атлантскиот Океан, бескрајните води не се само извор на егзистенција за милиони луѓе, туку се и од витално значење за безбедноста на храната, биолошката разновидност и одржливоста на крајбрежниот живот, пишува Анадолу.
Оваа година Светскиот ден на океаните – 8 јуни, кој се одбележа со тема „Силни морски заштитени подрачја за нашата сина планета“, повторно ги донесе на дневен ред повиците за заштита на океаните што го обликуваат економскиот и социјалниот живот на Сенегал.
Со крајбрежна линија од околу 700 километри, Атлантскиот Океан игра централна улога за животот во Сенегал – од рибарство до туризам, од крајбрежна трговија до транспорт.
Фотографија : Cem Özdel/AA
Рибарството е еден од столбовите на сенегалската економија. Според податоците на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), околу 600.000 луѓе што живеат покрај брегот, односно 17 отсто од активното население, заработуваат за живот од риболовот.
Податоците на Министерството за рибарство за 2024 година покажуваат дека вкупното производство на риба во Сенегал достигнало 448.756 тони, од кои речиси половина – односно 230.072 тони – биле наменети за извоз. Оваа година количеството риба уловено со традиционално рибарство забележа пораст од 3,8 отсто, достигнувајќи 372.587 тони.
Рибата и морските плодови имаат стратегиско значење и од аспект на безбедноста на храната бидејќи задоволуваат околу 43 отсто од животинските протеини што се консумираат во Сенегал. Во оваа земја, каде што повеќе од половина од населението живее во крајбрежните градови, рибарството сочинува околу 3,2 отсто од бруто-домашниот производ.
- Економија поттикната од Атлантикот -
Во Сенегал, каде што сѐ уште се применува традиционално рибарство, секој ден со првите сончеви зраци илјадници рибарски чамци испловуваат в зори секој ден.
Фотографија : Cem Özdel/AA
Рибарите, кои пред зајдисонце се враќаат на брегот, дел од уловот продаваат на домашниот пазар, а дел се извезува во странство, главно во Европа.
Оваа активност поврзана со океанот е во срцето на секојдневниот живот на крајбрежните заедници. Сепак, се предупредува дека морските ресурси, кои имаат централно место во економскиот и социјалниот живот на Сенегал, во последните години се под сè поголем еколошки притисок.
Прекумерниот и нелегалниот риболов од индустриските рибарски бродови од Европа и Кина, ги зголемуваат тешкотиите со кои се соочуваат традиционалните рибари, а наедно го продлабочуваат притисокот врз рибниот фонд.
- Се зголемува притисокот врз морските ресурси
Од друга страна, загадувањето со пластика и домашен отпад во некои крајбрежни региони се посочува како еден од главните проблеми што сериозно му се закануваат на океанскиот екосистем.
Фотографија : Cem Özdel/AA
Според истражувањето „Проток на пластичен отпад од копното до океанот“, објавено во списанието „Сајенс“, Сенегал се наоѓа на 21. место меѓу земјите што испуштаат најмногу пластичен отпад во морињата.
Во истражувањето се наведува дека количеството пластичен отпад што Сенегал го испуштил во морињата во 2010 година изнесувало 254.770 тони, а според тогашните проекции предвидено е дека оваа бројка до 2025 година би достигнала 738.000 тони на годишно ниво.
Според научната платформа „СајенсДирект“, околу 80 отсто од пластичниот отпад во океаните на глобално ниво доаѓа од копнени извори, а се проценува дека 20 отсто потекнуваат од рибарски активности, како што се рибарски конци, мрежи и јажиња.
Сликата што се појавува на бреговите на Сенегал по повод Светскиот ден на океаните покажува дека Атлантскиот Океан за милиони луѓе не е само обичен извор на егзистенција, туку еден од основните столбови на безбедноста на храната, биолошката разновидност и целиот крајбрежен живот.
Експертите со голема загриженост нагласуваат дека за ова природно богатство да им се пренесе на идните генерации неопходно е да се зајакнат заштитените морски подрачја и на одржлив начин да се управува со бесценетите морски ресурси.