Кошарката му ја врати надежта за живот на Сириец кој ги загуби нозете во граѓанската војна
- Подготвувајќи се со својот тим за меѓународни турнири, Сиревил порача: „Хендикепот е во умот, а не во телото“, обидувајќи се да ја покаже моќта на силниот дух
Ömer Koparan
11 Јуни 2026•Ажурирано: 11 Јуни 2026
photo: Bakr Al Kasem / AA
АЛЕПО
Јасер Сиревил, и покрај тоа што ги загубил двете нозе во напад на режимот во Сирија, не ги смета лузните од војната за пречка, па со помош на играњето кошарка во количка и својата упорност им влева надеж на соиграчите и на својата околина, пишува Анадолу.
Сиревил едно време работел како спасител во волонтерскиот тим за цивилна одбрана „Бели шлемови“, но бил тешко ранет за време на воздушен напад извршен од воените авиони на режимските сили во Дума.
Во текот на долгиот процес на лекување, Сиревил ги изгубил двете нозе, но по овој исклучително тежок период во животот, тој во 2018 година се запознал со спортот.
Почнувајќи да игра во кошаркарскиот тим во количка, Сиревил со силата што му ја дава спортот повторно се изборил за својот живот, како на психолошки, така и на физички план.
Фотографија : Bakr Al Kasem/AA
Подготвувајќи се со својот тим за меѓународни турнири, Сиревил порачува: „Хендикепот е во умот, а не во телото“, обидувајќи се да ја покаже моќта на силниот дух.
– „Она што ни дава сила е нашата волја“ –
Овој 28-годишен кошаркар, споделувајќи ја својата приказна, рече: „Во 2016 година бев ранет во воздушни напади во близина на мојот дом, извршени од силите на режимот на Асад, при што ги загубив двете нозе“.
Посочувајќи дека во 2018 година спортот отворил нова страница во неговиот живот, Сиревил вели: „Спортот за мене стана почеток на успехот. Воедно, тој е одраз на силна волја. Нашиот капитен, тренерот и здружението ’Хедеф‘, кое го основа овој тим, имаат огромни заслуги за ова“.
Фотографија : Bakr Al Kasem/AA
Раскажувајќи дека тимот, кој е составен од лица со попреченост од Источна Гута, веќе со години заедно се бори на теренот, Сиревил вели дека кошарката му дала сила не само физички, туку и на психолошки план.
„Спортот е живот. Пред сè, тој го смирува и го одмора човека на психолошки план. Ние, како лица со попреченост, голем дел од денот поминуваме во инвалидската количка. Спортот ги опушта и телото и душата.“
„Натпреварите се играат со огромна мотивација“, вели Сиревил и додаде: „Каде и да играме, чувствуваме дека ја претставуваме Сирија. Тоа што ни дава сила е волјата“.
Очекувајќи дека сириските власти ќе посветат поголемо внимание на потребите на лицата со попреченост, Сиревил вели: „Се надеваме дека лицата со посебни потреби ќе ја добијат поддршката што ја заслужуваат. Хендикепот е во умот, а не во телото“.
Кошарката му ја врати надежта за живот на Сириец кој ги загуби нозете во граѓанската војна