Малата верверичка Јода со помош на ветеринари се подготвува за живот во природна средина
Верверичката Јода била донесена на лекување со епилептични напади, слабост и нарушен развој. По интензивната терапија и специјалниот режим на исхрана нејзината состојба се подобрила
АНКАРА (АА) – Малата верверичка Јода, која рано била одвоена од мајката и имала здравствени проблеми поради неправилната исхрана, со помош на ветеринарите во Анкара, Турција, учи како повторно да живее во природна средина, јавува Анадолу.
Верверичката Јода била донесена на лекување со епилептични напади, слабост и нарушен развој. По интензивната терапија и специјалниот режим на исхрана нејзината состојба се подобрила, по што започнал процесот на рехабилитација.

Во клиниката и во домашни услови биле создадени посебни простори што ја имитираат природната средина, со гнезда од кора од дрва и скривалишта за храна. На овој начин верверичката учи да се искачува, да бара и складира храна и да се заштитува.
Ветеринарната техничарка и физиотерапевтка Јагмур Денли за АА изјави дека на почетокот верверичката не знаела самостојно да се храни и била премногу навикната на луѓе, но со текот на времето развила природни инстинкти.
„Се обидуваме да ја научиме на нејзината природна средина во вештачка средина“, вели таа.

- Верверичката сака да јаде суфле, пица, леб и тестенини -
Денли вели дека верверичката Јода покажува голем интерес за чоколада, суфле, пица, леб и тестенини.
„Секако, ѝ даваме во мали порции. Таа природно нема голема потреба од јаглехидрати или шеќер. За жал, бидејќи е во домашна средина и нејзината мајка не ја хранела и адаптирала на природата, таа развила желба за ваков вид храна“, вели ветеринарната техничкарка.
Бидејќи пораснала со мачки и кучиња, Денли вели дека верверичката сѐ уште не знае да се заштити бидејќи ги гледа животните како пријатели.
„Затоа, се обидуваме малку да ја оддалечиме од животните и да ја научиме да се качува, да јаде лисја и гранки од дрвја, да грицка и да ги остри забите“, додаде таа.
По успешното завршување на рехабилитацијата, планирано е Јода, со соодветен надзор, повторно да биде пуштена во природна средина.
