економија

Централната банка на Русија се заканува со правни постапки против ЕУ поради замрзнатите средства

- Во одделно соопштение Централната банка најави дека ќе поднесе тужба пред руски суд против Еуроклир, финансиска клиринг куќа со седиште во Брисел што ги чува замрзнатите средства, за штетите настанати поради блокирањето на имотот.

Emre Gürkan Abay  | 12.12.2025 - Обновена : 13.12.2025
Централната банка на Русија се заканува со правни постапки против ЕУ поради замрзнатите средства

МОСКВА/ИСТАНБУЛ (АА) – Централната банка на Русија денес соопшти дека плановите на Европската Унија да ги искористи нејзините замрзнати средства се незаконски и најави правни постапки против иницијативата, јавува Анадолу.

„Механизмите за директно или индиректно користење на средствата на Банката на Русија, како и сите други форми на неовластена употреба на средствата на Банката на Русија, се незаконски и спротивни на меѓународното право, вклучително и прекршување на принципите на суверен имунитет на средствата“, се наведува во соопштението.

Од банката истакнаа дека евентуалната употреба на средствата за издавање репарациски заем за Украина ќе биде оспорена „во национални судови, судски органи на странски држави и меѓународни организации, арбитражни трибунали и други меѓународни судски инстанции, по што ќе следува спроведување на судските одлуки на териториите на земјите членки на ОН“.

Во одделно соопштение Централната банка најави дека ќе поднесе тужба пред руски суд против Еуроклир, финансиска клиринг куќа со седиште во Брисел што ги чува замрзнатите средства, за штетите настанати поради блокирањето на имотот.

„Дејствата на депозитарот Еуроклир ѝ нанесоа штета на Банката на Русија поради неможноста да управува со средствата и хартиите од вредност што ѝ припаѓаат на Банката на Русија“, се наведува во соопштението.

Голем дел од околу 325 милијарди долари руски средства што се замрзнати на глобално ниво се наоѓаат во Европа.

ЕУ предлага дел од тие средства да му бидат ставени на располагање на Киев за покривање на финансиските потреби на Украина во 2026 и 2027 година.

Меѓутоа, Белгија се спротивставува на планот, предупредувајќи дека може да има правни последици и да го загрози мировниот процес.

Европската централна банка, исто така, изрази загриженост дека иницијативата може да ја наруши довербата во еврото на глобалните пазари.

Лидерите на ЕУ ќе одлучат дали ќе ги користат замрзнатите руски средства за Украина на самитот во Брисел на 18 декември.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.