Admir Fazlagic
04 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев со економските министри денеска се сретна со претставници од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) кои пројавиле интерес и подготвеност за помош и поддршка на приватниот сектор во Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од владината прес служба, на средбата е констатиран поттик на позитивна клима и енергија од новата Влада за развој на Република Македонија.
Претставниците на ЕБРД изразиле интерес и подготвеност за помош и поддршка на приватниот сектор во Македонија, преку финансиски проекти што вклучуваат развој и едукација на капацитетите на компаниите, поддршка на инвестиции во инфраструктурата, како и експертска помош во законодавството што се однесува на економскиот напредок на земјата.
„Владата е силно ориентирана кон развој на економијата во Македонија, отворање нови и подобро платени работни места и финансиска стабилизација на семејствата, а со тоа и на државата. Затоа ги разгледуваме и ги земаме предвид сите можности во нашата определба да го помогнеме развојот на домашните компании. Свесни сме дека отворањето на евро-атлантските перспективи ќе биде силен поттик и за странски инвестиции и затоа работиме на интензивна реформска агенда што ќе ги обезбеди“, рече премиерот Заев
Претседателот на Владата, Заев ја поздравил долгогодишната успешна соработка на Република Македонија со Европската банка за обнова и развој. Изразена е волја од двете страни за продолжување на соработката преку проекти што можат да придонесат во подигнувањето на животниот стандард на граѓаните во Македонија.
Покрај претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на состанокот присуствувале и вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори Кочо Анѓушев, министерот за финансии Драган Тевдовски и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Од страна на Европската банка за обнова и развој присуствуваа потпретседателот Пиер Хелборн, помошник директорот Олег Левитин, регионалниот директор за Западен Балкан, Холгер Муент, извршниот директор за Македонија, Франс Векерс и директорката на ЕБРД во Македонија, Анка Јоана Јонеску.