Ekipa
29 Јуни 2017•Ажурирај: 29 Јуни 2017
ДОХА (АА) - Иако со дипломатската криза во Заливот се воведени санкции на авиосообраќајот, катарската авиокомпанија „Qatar Airways“ за време на Рамазан Бајрам превезуваше патници, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Управниот одбор на „Qatar Airways“ (Катар ервејс), Екбер Aл-Бакир, порача дека оваа авиокомпанија, и покрај воведените санкции, продолжува да работи со забрзано темпо, и дека за време на празникот од Меѓународниот аеродром „Хамад“ во Доха се остварени 2.900 летови со 510.000 патници.
Преку аеродромот во Доха, во првата половина од 2017 година лет оствариле 19 милиони патници, а во однос на истиот период минатата година, овој број е зголемен за осум отсто. Инаку, „Qatar Airways“ лета на повеќе од 150 дестинации во светот, а тие летови и понатаму ги реализира.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (УАЕ), Египет, Бахерин и Јемен, на 5. јуни соопштија дека ги прекинуваат дипломатските односи со Катар, кој го обвинуваат за дестабилизација на регионот, го затворија воздушниот простор за Катар и наредија дипломатите на Катар да ги напуштат тие земји во рок од 48 часа. Властите на Јордан, исто така, се придружија на Саудиска Арабија и на другите земји и најавија деградација на дипломатските односи со Катар.
Катар тврди дека обвиненијата се неосновани и се залага за мирно решавање на кризата.