Bahattin Gönültaş
10 Септември 2023•Ажурирај: 11 Септември 2023
БЕРЛИН (АА) - Во текот на самитот на лидери Г20, одржан во Њу Делхи во Индија, потпишан е меморандум за разбирање меѓу Европската унија (ЕУ) и седум земји за изградба на економски коридор кој ќе ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Индија со железнички и бродски линии, известува Анадолу.
Мултинационалниoт железнички и поморски проект, потпишан меѓу Индија, САД, Саудиска Aрабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Франција, Германија, Италија и ЕУ, има за цел да ја поврзe Индија со Блискиот Исток и Европа, со цел унапредување на трговијата, обезбедување енергетски ресурси и развој на дигиталната поврзаност.
Иако земјите потписнички не се обврзани на финансиски обврски, тие се согласија во рок од два месеци да подготват акционен план за воспоставување економски коридор Индија - Блиски Исток - Европа.
Економскиот коридор Индија - Блиски Исток - Европа ќе се состои од два одвоени кородори: Источен коридор, кој ќе ја поврзува Индија со западна Азија и Блискиот Исток, и Северен коридор, кој ќе ги поврзува Азија и Блискиот Исток со Европа.
Коридорот ќе се протега од Индија до ОАЕ, минувајќи низ Саудиска Арабија, Јордан и Израел и на крај ќе се поврзе со Европа.
Иако на коридорот се гледа како на предизвик на кинеското економско влијание во регионот, се очекува тој на Индија да ѝ донесе значајни стратешки и економски придобивки.
Нагласувајќи ја важноста на проектот, индискиот премиер Нарендра Моди рече дека коридорот во иднина ќе биде светилник на соработка, иновација и заеднички напредок за Индија, западна Азија и Европа.
На самитот на лидери на Г20, претседателот на САД, Џо Бајден, рече дека коридорот ќе ја олесни трговијата и извозот на енергија.
Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, коридорот го опиша како „зелен и дигитален мост преку континети и цивилизации“.
Саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман рече дека проектот ќе даде придонес за развој на железничката мрежа и инфраструктура и ќе создаде долгорочни деловни можности.