ИСТАНБУЛ
Според истражувањето што го спроведе „Ристад енерџи“, влијанието на руско-украинската војна може да резултира со намалување на побарувачка на нафта на глобалниот пазар од дури 1 милион барели дневно, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Побарувачката на нафта и во Украина и во Русија ќе опадне доколку брзо не дојде до крај на конфликтот“, соопшти норвешката независна енергетска истражувачка и консултантска компанија.
Украина веројатно ќе забележи најголем пад во релативна смисла, потенцијално ќе изгуби повеќе од 50 отсто од побарувачката додека трае војната, со долгорочни импликации неизбежни поради оштетувањето на инфраструктурата и брзината на враќање на објектите откако ќе помине крајот на конфликтот.
Според истражувањето, значително ќе страда и Русија, иако влијанието во релативна смисла ќе биде помало.
Директните и индиректните санкции наметнати од Западот врз рускиот финансиски систем се очекува значително да ја намалат економската активност, што ќе го отежни процесот на руските компании во меѓународното работење и на нивните граѓани да патуваат во странство. Севкупно, тоа може да резултира со намалување на побарувачката на нафта помеѓу 15 отсто и 30 отсто или повеќе.
„Економските последици од војната – покрај хуманитарната криза – ќе бидат огромни, како за Русија, така и за Украина, побарувачката за нафта во регионот ќе претрпи сериозен удар доколку конфликтот се пролонгира, а неодамна воведените санкции останат на сила“, изјави Софија Гуиди ди Санте, аналитичарка на нафтениот пазар на „Ристад енерџи“.
‒ Падот на патниот и воздушниот сообраќај ќе намали 65.000 барели дневно во Украина
Вкупната побарувачка на нафта во Украина во просек изнесуваше околу 260.000 барели дневно во 2019 година. Секторот за патен транспорт сочинуваше повеќе од половина од оваа вкупна вредност од 138.000 барели дневно, додека побарувачката на воздухопловниот сектор се проценува на 7.000 барели дневно, што претставува само 5 отсто од вкупната потрошувачка.
„Како што аеродромите се затворени и авионите се приземјени, побарувачката на нафта во воздухопловството запре речиси во истиот момент. Сепак, патниот сообраќај остана на високо ниво и е густ, зашто жителите ја напуштаат земјата. Зголемувањето на сообраќајот до границата го компензира падот на патувањата на други места и другите редовни активности“, велат од фирмата.
„Ристад енерџи“ предвидува дека доколку војната се одолговлече и борбите продолжат, побарувачката за нафта може да падне за 50 отсто или повеќе. Само таквиот пад на патниот и воздушниот сообраќај ќе ја намали побарувачката на нафта за околу 65.000 барели дневно, што одговара на 28 отсто од предвидената месечна потрошувачка на нафта во земјата.
Според агенцијата, прекините во синџирот на снабдување и влијанието врз растот на бруто-домашниот производ (БДП) ќе им наштетат на другите сектори, факторизирајќи го потенцијалното дополнително проценето влијание од 40.000 барели дневно.
„Ова би изнесувало околу 50 отсто од побарувачката на нафта во Украина, проценка усогласена со падот на побарувачката забележана во други земји кои во последниве години страдаа од воени конфликти или немири, како Сирија и Јемен“, наведува агенцијата.
„Меѓународниот одговор на дејствијата на Русија беше брз и моќен. Финансиските пазари се нестабилни како резултат на тоа, и нема да потрае долго, ефектите од санкциите да ја зафатат економијата на земјата. Русија е шеста по големина земја потрошувач на нафта на глобално ниво, со побарувачка на нафта од вкупно 3,6 милиони барели дневно во 2019 година, а забавувањето на потрошувачката би имало тешки домашни и меѓународни последици, што ќе влијае на глобалните биланси“, се вели во извештајот.
Според истражувањето, целосното запирање на меѓународните патувања би ја намалило за 54 отсто вкупната побарувачка за авионско гориво во земјата, што ќе предизвика негативно влијание од околу 110.000 барели дневно, бидејќи меѓународната побарувачка за патувања се очекува брзо да се намали во наредните денови низ Европската Унија и канадското затворање на нејзиниот воздушен простор за руските авиони.
„Иако е премногу рано да се процени влијанието на меѓународните санкции против Русија врз побарувачката на нафта, можеме да добиеме увид со разгледување на реалноста на побарувачката од земјите со неодамнешното искуство со слични санкции ‒ Иран и Венецуела“, велат од истражувачката компанија.
Побарувачката за нафта се намали во овие земји за опсег помеѓу 10 отсто во Иран и повеќе од 30 отсто во Венецуела, со екстремен случај на пад од 50 отсто помеѓу врвот и дното на венецуелската побарувачка од 2011 до 2019 година.
‒ Падот на руската побарувачка од 10 до 30 отсто ќе резултира со намалување од 350.000 до 1 милион барели дневно во 2022 година
Според агенцијата, падот на руската побарувачка од 10 до 30 отсто би одговарал на вкупното намалување од 350.000 до 1 милион барели дневно во 2022 година. Се очекува дека половина од таквото забавување ќе биде од индустриските активности, додека остатокот ќе биде поттикнат од намалената внатрешна мобилност, иако агенцијата соопшти дека е премногу рано да се направи секторска проценка.
news_share_descriptionsubscription_contact
