Burç Eruygur
07 Декември 2022•Ажурирај: 08 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Во текот на изминатите две недели руските власти разгледуваа три можни одговори на неодамнешното ограничување на цената на ЕУ и Г-7 за увоз на нафта од земјата, објавија локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Првата опција е целосна забрана за продажба на нафта на државите кои го поддржаа ограничувањето, вклучително ако тие купуваат суровини од Русија не директно, туку преку земјите посредници или дури и преку нивниот синџир“, изјавија два извори од рускиот Кабинет за рускиот дневен весник „Ведомости“.
Втората опција која се разгледува е забрана за извоз според договори кои вклучуваат високи цени, без оглед на земјата примател.
„Москва, исто така, дискутира за можноста за мерка „индикативна цена“ како трета опција која ќе го определи „максималниот попуст на руската нафта од Урал до референтната класа Брент“, со која се забрануваат продажби кои одат под максималното ниво на попуст“, се вели во веста.
Изворите посочија дека ниту една од опциите сѐ уште не е одобрена, а други алтернативи и комбинации сѐ уште се разгледуваат.
Вицепремиерот Александар Новак вчера изјави дека Русија планира да ја забрани продажбата на нафта на компаниите по највисока цена до крајот на годината.
„Во моментов водиме консултации, ја финализираме одлуката и разговараме со компаниите“, рече Новак.
Земјите на ЕУ во саботата ја финализираа работата на ограничувањето на цената на нафтата за руската сурова нафта преку море, што веднаш стапи во сила со одлука на Европскиот совет.
„Г7 и сите земји членки на ЕУ донесоа одлука што ќе ги погоди приходите на Русија уште посилно и ќе ја намали нејзината способност да води војна во Украина. Тоа, исто така, ќе ни помогне да ги стабилизираме глобалните цени на енергијата, во корист на земјите низ светот кои моментално се соочуваат со високите цени на нафтата“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во понеделникот изјави дека Русија подготвува одговор.
Исто така, во понеделникот стапи на сила ембаргото на ЕУ за увоз на руска сурова нафта по морски пат, кое беше усвоено од Комисијата на ЕУ на 3 јуни како дел од шестиот пакет рестриктивни мерки против Москва.
Руските власти претходно најавија дека ќе одбијат да продаваат нафта на земјите кои се согласуваат со ограничувањето на цената.