Tuba Şahin
25 Март 2020•Ажурирај: 26 Март 2020
АНКАРА
Околу еден милион работни места низ светот секој ден во изминатите две недели се затвораат во секторот патување и туризам поради глобалната пандемија на новиот тип коронавирус, покажа истражувањето на Светскиот совет за патување и туризам (WTTC) објавено денес, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„До 75 милиони работни места се во непосреден ризик“, наведоа од Светскиот совет за патување и туризам (WTTC), што претставува 50 отсто пораст од претходното истражување.
Бројката како резултат на ефектот од пандемијата укажува на глобална загуба од 2,1 трилиони долари загуба на БДП оваа година во секторот на патување и туризам.
Советот, исто така, ја откри длабочината на кризата во одредени региони. Азиско-пацифичкиот Регион се очекува да биде погоден најтешко, ставајќи во ризик до 48 милиони работни места во регионот, што претставува загуба од речиси 800 милијарди долари.
Се предвидува во европскиот сектор на патување и туризам да бидат погодени 10 милиони работни места, со што вкупната загуба би можело да изнесува речиси 552 милијарди долари.
Се очекува исто така и Американците да бидат тешко погодени од оваа криза, со очекувана заедничка загуба од 570 милијарди долари во САД, Канада и Мексико, изложувајќи речиси седум милиони работни места во секторот на ризик.
Извршната директорка на Светскиот совет за патување и туризам (WTTC), Глорија Гевара, ги осуди владите дека не успеале доволно брзо да реагираат за да може да помогнат во секторот за патување и туризам.
„Доколку итни мерки не бидат преземени во текот на наредните неколку денови, секторот ќе се соочи со економски пад од кој тешко ќе закрепне и ќе повлече со себе милиони луѓе кои зависат од него“, изјави таа.
Гевара предупреди дека намалувањето на патувањата и туризмот ќе создаде домино-ефект, што ќе резултира со големо губење работни места во целиот ланец на снабдување.
„Ги повикуваме сите што се на моќни позиции да им помогнат на немоќните и да донесат политики за поддршка и одржување на секторот, кој е движечка сила во глобалната економија и е одговорен за создавање на едно од пет нови работни места“, додаде таа.
Патувањето и туризмот придонесуваат до 10,4 отсто во БДП и во осум последователни години го надминаа растот на светската економија.