Ata Ufuk Şeker
25 Јули 2024•Ажурирај: 25 Јули 2024
БРИСЕЛ (АА) - Еден од најголемите спортски настани во светот, Олимпијадата во Париз 2024, се очекува значително да ја поттикне економијата на Франција, јавува Анадолу.
Игрите ќе се одржат од 26 јули до 11 август, на кои ќе учествуваат околу 10.700 спортисти.
Инвестициите во градежниот сектор на Франција пред настанот ја оживеаја индустријата, а големиот број посетители доведе до зголемување на побарувачката и активноста во услужниот сектор.
- Париз 2024 станува Олимпијада со најмногу продадени билети во историјата -
Со продадени 9,3 милиони од 10 милиони билети досега, Олимписките игри Париз 2024 станаа најпродавани Олимписки игри во историјата на олимпијадите.
Цените на билетите се движат од околу 97 долари до над 2.900 долари, а сопствениците на најскапите билети купуваат и пакет со вклучен кетеринг од 4.200 долари.
Се проценува дека туристите ќе потрошат 2,8 милијарди долари за време на Олимпијадата во француската престолнина, според Канцеларијата за туризам во Париз.
Се очекува тоа да ѝ даде поттик на француската економија додека инфлацијата и трошоците за живот се во пораст.
Официјалниот буџет на Олимписките игри Париз 2024 е 9,5 милијарди долари, а трошоците на земјата домаќин за времетраењето на настанот се проценуваат на 10,8 милијарди долари.
Се очекува Игрите да придонесат со од околу 7,2 до 12 милијарди долари во економијата на Парискиот Регион, покажуваат податоците од француската организација за истражување Центар за право и економија на спортот (CDES).
За потребите на Олимпијадата креирани се 181.000 работни места што ќе дејствува како лост за зајакнување на економската активност и вработеноста, објави Организацискиот комитет на Олимписките и Параолимписките игри Париз 2024.
Студијата спроведена од консултантската фирма „Астерес“ откри дека трошоците поврзани со организацијата на Олимпијадата се еквивалентни на јавната потрошувачка; во студијата се проценува дека Франција ќе генерира 5,7 милијарди долари од даночни приходи и социјално осигурување од настанот.