економија

Кризата на Блискиот Исток може да влијае врз туристичкиот сектор во Бугарија

Државните органи треба да ги координираат напорите за промоција на Бугарија како безбедна дестинација за патување во текот на целата година, со разновидни опции...“

Şeyma Erkul Dayanç  | 25.03.2026 - Обновена : 26.03.2026
Кризата на Блискиот Исток може да влијае врз туристичкиот сектор во Бугарија

ИСТАНБУЛ (АА) - Тековниот конфликт на Блискиот Исток може да влијае врз туристичкиот сектор во Бугарија, особено врз претстојната летна сезона, изјави денес за бугарската национална новинска агенција, БТА, економистот за туризам Маријана Јанева, пренесува Анадолу.

Јанева, која е раководител на Катедрата за економија на туризмот при Универзитетот за национална и светска економија, истакна дека државните органи треба да ги координираат напорите за промоција на Бугарија како безбедна дестинација за патување во текот на целата година, со разновидни опции за рекреација.

Таа нагласи дека Бугарија треба да се фокусира на домашните туристи и да понуди стимулации како што се ваучери за одмор или даночни олеснувања, слично на мерките усвоени во другите европски земји.

Експертката забележа дека на клучните странски пазари, особено кај израелските туристи кои патуваат преку чартер-програми, би можело да се забележи пад ова лето. Се очекува дека хотелите и туроператорите кои ги опслужуваат овие пазари ќе бидат најмногу погодени.

Јанева укажа дека европските туристи кои патуваат по копнен пат би можеле делумно да ги надоместат загубите и додаде дека зголемувањето на цените треба да остане околу 10 %, и покрај растот на трошоците за гориво.

Таа ја истакна важноста на лиценцираните туроператори за управување со ризиците и им препорача на патниците да користат законски регистрирани професионалци за меѓународни патувања.

Во однос на долгорочните можности, Јанева рече дека кризата може да помогне во ребрендирањето на Бугарија како дестинација за здравствен и велнес-туризам за сите четири сезони, што би поттикнало развој на специфични туристички гранки надвор од летото и би поддржало поодржлив раст на секторот. Таа, исто така, повика на итни европски маркетинг-кампањи кои ќе ја промовираат Бугарија како безбедна дестинација.

САД и Израел вршат воздушни напади врз Иран од 28 февруари, при што досега се убиени над 1.340 луѓе, меѓу кои и тогашниот врховен лидер Али Хамнеи.

Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, како и кон Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени капацитети, предизвикувајќи жртви и штета на инфраструктурата и истовремено нарушувајќи ги глобалните пазари и авиосообраќајот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.