Rıyaz Khalıq
06 Февруари 2020•Ажурирај: 07 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Кина најави значајно намалување на тарифите врз американските производи во вредност од околу 75 милијарди долари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од новинската агенција „Синхуа“ се вели дека кинеската Комисија за царински тарифи на Државниот совет соопштила оти ќе ги намали тарифите на половина, со цел промовирање на здрав и одржлив развој на кинеско-американските економски и трговски односи.
Се вели дека тарифите на американските производи ќе бидат намалени од 10 на 5 отсто и од 5 на 2,5 отсто.
„Кина се надева дека двете страни ќе го следат она што е договорено во првата фаза од договорот и дека ќе вложат напори за имплементирање на релевантните делови за да се зајакне довербата на пазарот, да се промовираат билатералните односи и да се помогне во светскиот економски раст“, се соопштува од Министерството за трговија на Кина.
Намалувањето на тарифите кое ќе стапи на сила на 14 февруари, се најави во услови на борбата на Пекинг со новата епидемија на коронавирусот кој одзеде над 560 животи и предизвика глобална загриженост.
Пекинг неодамна го критикуваше Вашингтон поради „ширење страв и паника“ околу појавата на коронавирусот, велејќи дека не им помогнал во борбата против фаталниот коронавирус.
Трговската војна меѓу САД и Кина ги потресе глобалните пазари од страв дека може да предизвика глобално забавување.
Намалувањето на тарифите следуваше по првата фаза од Трговскиот договор минатиот месец, кој беше поздравен како пресвртница, во обидите да се стави крај на двегодишната трговска војна меѓу двете најголеми економии во светот.
Првата фаза од договорот, потпишан од страна на американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот вицепремиер Лиу Хе на церемонијата во Белата куќа, воспоставува механизам за страните да ги решат споровите за време на неговото спроведување.