економија

Жителка на Скопје остварила бруто-приходи од над 17 милиони евра во 2018 година

Според податоците на Управата за јавни приходи, граѓаните за 2018 година пријавиле околу 309 милиарди денари годишни бруто-приходи и околу 18,46 милиарди денари персонален данок

Abdula Berisha  | 26.02.2020 - Обновена : 02.03.2020
Жителка на Скопје остварила бруто-приходи од над 17 милиони евра во 2018 година ( Foto: Umeys Sulejman / Anadolu Agency )

СКОПЈЕ (АА) - Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) на Северна Македонија Сања Лукаревска, одржа прес-конференција на која беа презентирани највисоките годишни бруто-приходи пријавени во Годишната даночна пријава (ГДП) за 2018 година, јавува Агенција Анадолија (AA).

Лукаревска потсети дека од почетокот на 2018 година се воведе нова процедура за пријавување и пресметување на персоналниот данок на доход со поднесување на електронска пресметка за приход и данок.

Таа рече дека УЈП изготви пополнети ГДП за вкупно 795.953 граѓани, кои пријавиле околу 309 милијарди денари годишни бруто-приходи и околу 18,46 милијарди денари персонален данок, додека највисок годишен бруто-приход во износ од над 1 милијарда денари, односно околу 17,17 милиони евра остварила жителка на Скопје.

„Во 2018 година скопјанка има остварено највисок годишен бруто-приход во износ од 1.056.992.055 денари. Граѓанин од Скопје е втор на листата со остварен бруто-приход во износ од 453.517.731 денар“, рече Лукаревска.

Според податоците на УЈП, за 33.601 граѓани утврдени се бруто-приходи над 1 милион денари, додека најголемиот број граѓани, односно 624.009 оствариле бруто-приходи кои се движат од 100 илјади до 1 милион денари.

Лукаревска рече дека највисоката годишна бруто-плата во 2018 година исплатена е во секторот здравство и изнесува околу 183,8 милиони денари, односно речиси 3 милиони евра, додавајќи дека во 2018 година е осварена најголемата капитална добивка во последните 10 години.

„Во 2018 година остварен е највисок износ на капитална добивка во последните 10 години, односно лице од Скопје по основ на капитална добивка остварило вкупно 841.164.000 денари бруто-приход“, рече Лукаревска.

Директорката на УЈП истакна дека високи приходи има и кај највозрасните и најмладите лица. Највозрасното лице кое остварило над 10 милиони денари приход има 93 години, додека најмладото 21 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.