Ata Ufuk Şeker
24 Август 2020•Ажурирај: 25 Август 2020
БРИСЕЛ (АА) - Комисијата на Европската унија (ЕУ) понуди околу 81 милијарда евра финансиска поддршка на програми за заштита на вработувањето во 15 земји членки поради новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Европската комисија соопшти дека е доставен предлог до Советот на ЕУ за обезбедување финансиска поддршка на 15 земји членки кои поднеле барање во рамките на програмата за заштита на вработување „SURE“, подготвена поради епидемијата.
Според тоа, за користење во програмата за вработување Италија ќе добие 27,4 милијарди евра, Шпанија 21,3 милијарди, Полска 11,2 милијарди, Белгија 7,8 милијарди, Романија 4 милијарди, Грција 2,7 милијарди, Чешка 2 милијарди, Словенија 1,1 милијарда, Хрватска 1 милијарда, Словачка 631 милион евра, Литванија 602 милиони евра, Бугарија 511 милиони, Јужен Кипар 479 милиони, Малта 244 милиони и Летонија 192 милиони евра.
Според програмата за поддршка на вработувањето подготвена поради Ковид-19, земјите членки ќе обезбедат вкупно 25 милијарди евра гаранции за заем на Европската комисија, во зависност од големината на нивните економии.
Со оваа гаранција, Комисијата ќе собере 100 милијарди евра на пазарите на капитал.
Со овој фонд, Европската комисија ќе обезбеди заем на земјите членки со поволни услови за употреба во краткорочни работни програми и програми за поддршка на плати.