Ekip
10 Април 2020•Ажурирај: 12 Април 2020
БРИСЕЛ (АА) - Министрите за финансии на земјите на еврозоната се договорија за пакет со помош во вредност од 540 милијарди евра (590 милијарди долари) за надминување на кризата предизвикана од Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Договорот е постигнат по 20-часовни преговори, а претседателот на еврозоната, Марио Сентено, соопшти дека планот за помош има три столба.
„Планот е со цел помош на работниците, бизнисмените и здравствените системи на земјите членки“, изјави Сентено.
Европската Унија има намера со 100 милијарди евра да започне шема за привремена работа за да спречи милиони работници да останат без работа.
Европската инвестициска банка ќе позајми 200 милијарди евра за малите и средните европски претпријатија.
Земјите членки исто така ќе можат да побараат кредит во износ до 2 отсто од нивниот бруто домашен производ (БДП) од Европскиот механизам на стабилизација (ESM), тело кое е формирано по рецесијата од 2008 година.
Во целост, преку ЕСМ може да се обезбеди финансирање до 240 милијарди евра (262 милијарди долари).
Заемите на ЕСМ можат да ги финансираат само трошоците за здравствена заштита, лекување или превенција. Процедурата ќе биде под надзор на Европската комисија.
Лидерите на ЕУ со недели се трудат да постигнат договор за мерките за финансиска помош, со цел да им се помогне на земјите кои економски се погодени најмногу како последица на коронавирусот.
Главната дебата ја водеа јужните и северните блокови на Унијата, водени од Италија, Франција и Шпанија од една страна и од друга страна Германија, Холандија, Австрија и Финска.
Додека медитеранските земји инсистираа на започнување програма за економско закрепнување низ ЕУ, финансирана од еврообврзници, другата група беше подготвена да одбие заеднички долг.
Министрите на еврозоната веќе одржаа видеоконференција на почетокот од оваа недела, но несогласувањата ги спречија да дојдат до заклучок.
Министрите за финансии на еврозоната треба да се состанат и денес со ресорните министри на земјите членки на ЕУ, кои не користат единствена валута во евра.
Вирусот Ковид-19 најпрвин се појави во Вухан, Кина, во декември 2019 година и досега се рашири во 200 земји низ светот, пренасочувајќи го епицентарот на вирусот во Европа.
Во светот се регистрирани над 1,6 милиони потврдени случаи на вирусот, а бројот на смртни случаи во светот е повеќе од 95.000. Речиси 354.000 пациенти се излекувани.