Gökhan Ergöçün
31 Март 2020•Ажурирај: 31 Март 2020
ИСТАНБУЛ
Европската комисија денес објави извештај во кој се наведува дека економските очекувања во земјите членки на ЕУ и еврозоната овој месец се значително намалени под влијанието на пандемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот се наведува дека Индексот на економската клима (ESI) во земјите членки на ЕУ паднал за 8,2 поени на 94,8 а во еврозоната е намален за 8,9 поени за да достигне 94,5.
Ова е најголем забележан пад откако Европската комисија започна да ги објавува своите извештаи во 1985 година.
Најмногу влошени се очекувања во услужниот сектор, во кој индексот во ЕУ падна за 12,2 бодови, и за 13,3 бодови во еврозоната. Во малопродажбата индексот во членките на ЕУ падна за 7,4 бодови, а за 8,1 бод во еврозоната.
Кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот ги загрижи и потрошувачите, чиј индекс во ЕУ падна за 4,5 бодови и за 5 бодови во еврозоната, додека во секторот на индустријата индексите паднаа за 4,2 во ЕУ и за 4,6 бодови во еврозоната.
Најмалку, според досегашните податоци, е погоден градежниот сектор во кој е забележан пад на индексот за 2,5 бодови во ЕУ, и за 2,7 бодови во еврозоната.
Според извештајот на Европската комисија, работодавците и менаџерите во ЕУ и еврозоната предвидуваат дека во идниот период помалку ќе вработуваат нови работници.
Меѓу водечките економии на еврозоната најмногу ослабела економската клима во Италија, па Индексот на економската клима во таа земја падна за 17,6 бодови во однос на февруари. Индексот на Германија е намален за 9,8 бодови, во Франција за 4,9 бодови, а во Шпанија за 3,4 бодови.