Merve Berker
09 Јули 2024•Ажурирај: 11 Јули 2024
БРИСЕЛ (АА) - Речиси 4,3 милиони Украинци се под привремена заштита во земјите членки на Европската Унија (ЕУ), покажуваат официјалните податоци на Евростат, јавува Анадолу.
„Од 31 мај 2024 година, речиси 4,3 милиони луѓе кои побегнале од Украина, која е погодена со војна, и кои не се државјани на земјите членки на ЕУ имаат статус на привремена заштита во ЕУ“, се вели во соопштението на Евростат.
Жените сочинуваат 45,6 отсто од таа популација, децата 32,5 отсто, а возрасните мажи 21,9 отсто.
Најголем број такви лица има во Германија, и тоа 1.332.515, што е 31,3 отсто од нивниот вкупен број во ЕУ.
Следува Полска со 953.255 лица од Украина со статус на привремена заштита (22,4 отсто) и Чешка со 356.405 такви лица (8,4 отсто).
Во споредба со април 2024 година, бројот на такви лица во Германија е зголемен за 14.250, во Чешка за 11.000 и во Романија за 3.715.
Овие бројки се однесуваат на статусите на привремена заштита издадени врз основа на Одлуката за спроведување на Европскиот совет, која беше усвоена на 4 март 2022 година како одговор на масовниот прилив на бегалци од Украина.
Европскиот совет на 25 јуни 2024 година го одобри продолжувањето на привремена заштита за овие лица до 4 март 2026 година.