Ekipa
07 Ноември 2022•Ажурирај: 09 Ноември 2022
БЕРЛИН (АА) - Енергетската криза продолжува да ја загрижува Германија, а мерките во некои германски покраини укажуваат на тоа како најголемата европска економија штеди електрична енергија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со цел заштеда на пари за време на енергетската криза, рестораните во германската покраина Баден-Виртемберг ги намалуваат своите менија или подолго ги држат вратите затворени, јавуваат локалните медиуми.
„Оптимизацијата е постојана задача. Но, економскиот притисок се зголеми, така што доведени се во прашање работното време, менијата и распоредувањето на персоналот“, изјави за германската новинска агенција ДПА, Даниел Ол, портпарол на Асоцијацијата на хотели и ресторани на Баден-Виртемберг.
Како дел од мерките, рестораните воведоа дополнителни слободни денови или ги тргнаа од менито јадењата кои ретко се нарачуваат, а предизвикуваат трошоци за чување на намирниците.
Малку посеверно, во Рајнланд-Пфалц, градот Лудвигсхафен, со цел да се заштедат околу 150.000 киловат часови електрична енергија при енергетската криза, го исклучи уличното осветлување дури и на важните сообраќајни точки.
„Важно е ние како администрација да дадеме пример и да ги зачуваме ресурсите заедно со индустријата и со граѓаните“, рече градоначалникот Јута Штајнрук.
Заштедата на енергија преку уличното осветлување е „тековен процес кој постојано се спроведува долги години“. Секоја година се заштедува околу 5 отсто од електричната енергија во споредба со претходната година.
На самиот југ на Германија, во Баварија, банката Шпаркасе Аугсбург планира да ја намали температурата во просториите за да заштеди струја, што е задолжително откако во септември стапија на сила новите регулативи за заштеда на енергија на германската Влада.