ИСТАНБУЛ (АА) - Новите американски царини сериозно ги „потресоа“ светските пазари, вклучително и берзите во Азија и Европа, цените на стоките и дигиталните средства, јавува Анадолу.
Минатата недела претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба со која воведе реципрочни царини од 10 до 50 отсто за повеќе од 180 земји.
Според новите мерки, ЕУ доби царини од 20 отсто, Кина 34 отсто, Виетнам 46 отсто, Тајван 32 отсто, Јапонија 24 отсто, Индија 26 отсто, Јужна Кореја 25 отсто, Тајланд 36 отсто, Швајцарија 31 отсто, Индонезија 32 отсто, Малезија 24 отсто, Камбоџа 49 отсто, Јужна Африка 30 отсто, Бангладеш 30 отсто, а Израел 17 отсто.
Некои земји, меѓу кои и Туркије, Велика Британија, Бразил, Австралија, ОАЕ, Нов Зеланд, Египет и Саудиска Арабија, беа подложени на реципрочни царини од 10 отсто.
Изненадувачки, неколку од најсанкционираните држави, како Русија, Куба, Белорусија и Демократска Народна Република Кореја, не беа опфатени со новите царини, а беа вклучени ненаселените острови Херд и Мекдоналд (Австралија).
- Берзите во црвено
Денес главните азиски и европски берзи забележаа големи загуби.
Индексот Азија Дау, кој ги следи водечките компании со сини чипови во регионот, падна за 9,5 отсто на 3.625,18 поени (0820GMT). Јапонскиот Никеи 225 се намали за 7,8 отсто завршувајќи на 31.136,58 поени.
Индексот Ханг Сенг, клучен репер за акциите со сини чипови во Хонгконг, падна за 13,74 отсто на 19.710,26 поени.
Берзата во Шангај падна за 7,34 отсто на 3.096,58 поени, а индискиот Сенсекс се намали за 3,95 отсто, завршувајќи на 72.387,45 поени.
Рано утринава германскиот индекс ДАКС забележа огромна загуба од околу 10 отсто на 18.523,6 поени.
Британскиот ФТСЕ100 се намали за 6 отсто на 7.592,33, а францускиот КАК 40 се намали за 6,7 отсто на 6.786,23 поени.
Паневропскиот СТОКС 600, исто така, забележа пад од 6,25 отсто на 465,30 поени.
Минатата недела американските акции завршија значително пониски бидејќи Дау падна за 5,50 отсто или 2.231,07 поени на 38.314,86, најголем пад од јуни 2020 година.
Индексот СиП 500 се намали за 5,97 отсто на 5.074,08, а Насдак падна за 5,82 отсто на 15.587,79, влегувајќи во „мечкиниот пазар“ со пад од над 22 отсто од декемврискиот рекорд.
Индексот ВИКС, познат и како „индекс на стравот“, се зголеми за 50,93 отсто на 45,31.
- Цената на стоките варира, главно, во негативни бројки
Цената на барел нафта Брент падна за 3,3 отсто на 63,4 долари (0810GMT), а цените на природниот гас се намалија за околу 2 отсто.
Цената на унца злато се намали за 0,34 отсто на 3.026 долари. Минатата недела забележа ниво од над 3.100 долари. Цената на среброто се зголеми за 1,6 отсто.
Бакарот падна за 0,7 отсто, а челикот за 2,43 отсто.
Цената на сојата се намали за 0,38 отсто, на шеќерот за 1,01 отсто, пченката за 0,44 отсто, палминото масло за 3,47 отсто, памукот за 0,72 отсто, а на пченицата се зголеми за 0,52 отсто и на кафето за 0,38 отсто. Цената на оризот остана непроменета.
- Дигитални средства
Биткоинот, како највредна криптовалута, падна за 8,2 отсто на дневно ниво, достигнувајќи 76.100 долари (0820GMT).
Етериумот загуби дури 17 отсто, достигнувајќи 1.488 долари.
Целокупниот пазар на дигитални валути падна за 10,43 отсто, достигнувајќи 2,37 трилиони долари, според податоците на Коинмаркеткап.
Рипл, исто така, се намали за 17,7 отсто, спуштајќи се на 1,72 долари.