економија

Цената на златото првпат надмина 5.000 долари за унца

Во последните 12 месеци златото забележа раст од околу 84 отсто, а од почетокот на годинава порасна за приближно 17 отсто

Mücahithan Avcıoğlu  | 26.01.2026 - Обновена : 26.01.2026
 Цената на златото првпат надмина 5.000 долари за унца

ИСТАНБУЛ (AA) – Цената на златото продолжи со рекорден раст и денес, првпат надминувајќи ја границата од 5.000 долари за унца, поттикнато од постојаната геополитичка и економска неизвесност што продолжува да ја зголемува побарувачката за таканаречените „безбедни засолништа“ за инвестирање, јавува Анадолу.

Спот-цената на златото се зголеми за околу 2,2 отсто и достигна 5.090,8 долари за унца до 07:00 часот по Гринич откако претходно во текот на денот достигна рекордно ниво од 5.111,11 долари.

Во текот на изминатата недела цените забележаа раст од околу 9,1 отсто.

Во последните 12 месеци златото забележа раст од околу 84 отсто, а од почетокот на годинава порасна за приближно 17 отсто. Овој тренд е поддржан од зголемените трговски и геополитички тензии, како и од намалувањето на каматните стапки од страна на големите централни банки.

Паралелно со златото, порасна и цената на среброто, која се зголеми за 4,6 отсто и достигна 107,6 долари за унца откако претходно достигна рекордни 109,46 долари. Во споредба со минатата година, цената на среброто е зголемена за повеќе од 252 отсто.

Според пазарните учесници, обновените геополитички тензии се клучен фактор за растот на цените, меѓу кои и дебатите околу Гренланд по неодамнешните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп.

Дополнителна неизвесност на пазарите донеле и изјавите на Трамп за ситуацијата во Иран.

Во саботата Трамп се закани и со воведување царини од 100% за сите канадски производи што влегуваат во САД доколку Отава постигне трговски договор со Пекинг.

„Доколку Канада постигне договор со Кина, веднаш ќе биде погодена со царина од 100 отсто за сите канадски стоки и производи што влегуваат во САД“, напиша Трамп на својата социјална платформа Truth Social.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.