Gökhan Ergöçün
25 Ноември 2022•Ажурирај: 29 Ноември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Благодарение на своите неспоредливи стандарди во поглед на чистотата и здравјето, халал производите се омилени кај луѓето низ светот, а не само кај муслиманите, изјави висок функционер на Институтот за стандарди и метрологија за исламски земји (SMIIC), јавува Агенција Анадолија (АА).
„Меѓународниот интерес за халал производите расте секојдневно“, изјави за АА Махмут Сами Шахин, потпретседател на СМИИЦ и исто така, шеф на Турската институција за стандарди (TSE), за време на Саемот халал експо на Организацијата за исламска соработка (OIC) и Светскиот самит на халал економија организиран во турската метропола Истанбул.
Халал се однесува на производи и услуги кои се во согласност со исламските правила, но Шахин тврди дека терминот повеќе не треба да се смета како чисто религиозен, бидејќи, всушност, тоа е област со многу голем трговски обем низ светот.
Глобалниот пазар на халал производи, вклучувајќи ги исламските финансии, храната, туризмот, козметиката, медицинските производи и текстилот, изнесува вкупно 7 билиони долари, според Светскиот совет на Самитот за халал производи.
Осврнувајќи се на тековните саем и самит, тој рече дека постои голема посетеност од целиот свет благодарение на зголемениот интерес за халал производите.
„Муслиманите обрнуваат посебно внимание на халал производите поради религиозните принципи“, рече тој, додавајќи: „Луѓето сакаат да консумираат халал производи, па затоа сакаат да имаат пристап до халал производите.“
„Во рамките на оваа потреба, СМИИЦ беше формиран во Туркије во 2010 година со учество на 13 земји, што претставува значаен чекор“, рече тој.
„Стандардите се подготвени во рамките на исламските правила“, истакна тој.
„Досега беа објавени приближно 50 стандарди од СМИИЦ, а Туркије ги усвои сите“, нагласи тој.
Тој посочи дека униформноста на халал концептот меѓу исламските земји многу ќе придонесе за зајакнување на трговската размена, особено меѓу исламските земји, додавајќи дека СМИИЦ е добра платформа за реализација на таквите цели.
Нагласи дека Институтот за стандарди и метрологија за исламски земји (SMIIC), со 47 земји членки, е голем меѓувладин институт и еден од најважните за земјите со мнозинско муслиманско население, додавајќи: „Светот многу внимателно ги следи стандардите на СМИИЦ во моментов.“
„Турскиот институт за стандарди има за цел да го сподели своето искуство со другите земји, особено со турските републики и со северноафриканските земји“, рече тој.
„Ние презедовме мисија да го пренесеме нашето искуство во други земји и сега работиме на тоа“, рече тој.
Тој рече дека Институтот се надева дека ќе ги отстрани пречките за зајакнување на трговските врски меѓу Туркије и земјите во нејзиниот регион.
На крајот, тој истакна дека Институтот со своите 27 лаборатории пружа услуги во Туркије и исламските земји на пошироко географско подрачје.