Admir Fazlagic
05 Септември 2019•Ажурирај: 07 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за трговија и индустрија на Косово денеска го извести Министерството за економија на Северна Македонија дека се укинати бариерите за извоз на компир и мед, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Министерството за економија на Северна Македонија, според договореното на состанокот меѓу министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрид Шала, кој се одржа пред две недели, Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово на крајот на минатата недела ги достави потребните документи дека е извршен активен и пасивен мониторинг на икри и подмладок, кои беа потребни за да може да ги увезува овие производи во Република Северна Македонија.
Откако Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија изврши увид на терен и утврди дека се исполнети сите обврски од косовската страна, согласно законската регулатива, Министерството за економија денеска донесе одлука Република Косово повторно да биде ставена на листата на земји од кои е дозволен увоз на икра и подмладок.
„Иако со задоцнување од една недела, Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово ја достави програмата за спроведување на активен и пасивен мониторинг за икри и подмладок на риби и согласно тоа Агенцијата за храна и ветеринарство на Северна Македонија повторно го стави Косово на листата на држави од кои може да се увезува икра и подмладок. Со тоа Косово ја укина забраната за увоз на компир и мед од нашата земја, со што целосно се отстрануваат пречките кои настанаа од двете страни“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.
Министерот потенцираше дека Северна Македонија нема да прави компромиси кога станува збор за стандардите кои треба да бидат исполнети согласно европската регулатива.
„Ние како Влада сме целосно посветени на исполнување на сите стандарди, а имајќи предвид дека во октомври очекуваме датум за почеток на преговорите со Европската Унија, ги преземаме сите обврски од кои нема да отстапиме. Како Влада правиме сѐ што е во наша можност да отвориме нови пазари, но истовремено и да ги заштитиме граѓаните со поголема контрола на здравствената состојба на производите кои се увезуваат во земјата“, потенцираше Бектеши.
Мерката за забрана на увоз на икра и подмладок не беше преземена само за Република Косово, туку и за сите земји што не спроведуваат активен и пасивен мониторинг во врска со рибните производи.
Потсетуваме, Северна Македонија ја донесе одлуката за забрана на увоз на икра од Косово на 20 јуни. Министерот Шала на 16 август оваа година донесе одлука за забрана на увоз на компир и мед од Северна Македонија.