економија

„Малите и средните претпријатија се најважните економски единици во секоја земја"

Учесниците на Форумот ќе разговараат за европските фондови и програми за економски развој, а посебен акцент ќе биде ставен на поддршката на развојот на земјоделството, туризмот, општините и малите и средните претпријатија

Husamedin Gina  | 13.12.2019 - Обновена : 14.12.2019
„Малите и средните претпријатија се најважните економски единици во секоја земја" (Foto: Husamedin Gina/ Anadolu Agency)

СКОПЈЕ (АА) – Во организација на Здружението „Обединети бизнис-клубови“ (ОБК) од Бугарија, денеска во Скопје започна Националниот бизнис-форум – Скопје 2019 на тема „Европските фондови и програми за економски развој на Република Северна Македонија“, јавува Агенција Анадолија (AA).

Учесниците на Форумот во текот на денешниот ден ќе разговараат на темата „Европските фондови и програми за економски развој на Република Северна Македонија“, а посебен акцент ќе биде ставен на поддршката на развојот на земјоделството, туризмот, општините и малите и средните претпријатија.

Веселин Халачев, претседателот на „Обединети бизнис-клубови“ (ОБК) и член на Бордот на директори на Европската алијанса на малиот и среден бизнис во Брисел, во изјавата за медиумите пред почетокот на Форумот рече дека малите и средните претпријатија се најважните економски единици во секоја земја.

Истакнувајќи дека засега малку фирми од Северна Македонија ги искористуваат европските фондови, Халачев нагласи:

„Значи ако македонските фирми бидат поактивни, секоја една фирма по програмата „Хоризонт 2020“ може да користи до 2,5 милиони евра, преку ИПАРД може да користи до 4,5 милиони евра. Тоа зависи за што ќе аплицира и за каков бизнис се работи.“

Одговарајќи на прашањето дали има посебни услови за користење на европските фондови, Халачев, истакнувајќи дека условите за аплицирање во програмите се различни, рече дека не се толку лесни, но не се и толку сложени.

Тој, исто така, упати повик до македонските фирми да аплицираат во програмите на европските фондови.

Амбасадорот на Република Бугарија во Северна Македонија, Ангел Ангелов, истакна дека бизнис-форумот е многу добра иницијатива за да може да се поврзат малите и средните бизниси од двете земји.

Амбасадорот Ангелов наведе дека има големи инфраструктурни проблеми помеѓу двете земји, од аспект на железници, автопатишта, и дека треба да се работи во тој поглед за да се одвива непречено основниот бизнис помеѓу двете земји.

На Форумот ќе се дискутира за европските фондови и програми во 2020 година, како и за оние за периодот 2021-2027 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.