Melike Pala
16 Јуни 2026•Ажурирано: 16 Јуни 2026
Европскиот парламент денес даде зелено светло за регулативата со која ќе се имплементира трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, постигнат пред речиси една година, со што се отвора пат за намалување на царините, а истовремено се воведуваат заштитни механизми за поддршка на европската индустрија и земјоделство, јавува Анадолу.
Пратениците ја усвоија основната регулатива со 440 гласа „за“, 151 „против“ и 50 „воздржани“, со што одобрија пристап без царини за сите американски индустриски стоки, како и повластени услови за низа американски морски и земјоделски производи.
Со втората законска мерка, која беше одобрена со 444 гласа „за“, 152 „против“ и 54 „воздржани“, се продолжува бесцаринскиот увоз на американски јастог и се проширува договорот со цел да ги опфати и преработените производи од јастог.
Оваа регулатива ги претвора во закон обврските преземени со заедничката изјава на американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Тарнбери, Шкотска, во јули 2025 година.
По еден месец Европската комисија презентираше соодветни предлози, но нивното усвојување бараше долготрајни преговори меѓу Европскиот парламент и Европскиот совет.
Европскиот парламент и земјите членки го зајакнаа првичниот предлог текст на Европската комисија со додавање неколку заштитни мерки, вклучително и таканаречената клаузула „sunset“, според која царинските поволности ќе престанат да важат на 31 декември 2029 година, освен ако не бидат продолжени.
Според договорените правила, Европската комисија добива одврзани раце да ги укине царинските поволности доколку САД продолжат да наметнуваат царини повисоки од 15 отсто за производите добиени од челик и алуминиум со потекло од ЕУ по 31 декември 2026 година.
Вклучен е и поширок механизам за суспензија што ѝ овозможува на ЕУ да реагира доколку Вашингтон не ги реши прашањата поврзани со царините што влијаат врз одредени европски извозни производи, кои претходно беа заштитени со максимална царинска стапка од 15 отсто.
Законските решенија дополнително воспоставуваат заштитен механизам што му овозможува на Брисел да спроведе истрага и да одговори на нагли зголемувања на увозот што се закануваат да предизвикаат сериозна штета на индустријата на ЕУ, вклучително и на земјоделскиот сектор.
„Со ова нè делат само неколку дена од исполнувањето на нашата обврска за укинување на царините за увоз на американски индустриски стоки. Со целосната имплементација од двете страни, нашиот договор ќе донесе уште поголеми придобивки за граѓаните и бизнисите“, објави Фон дер Лајен на американската платформа за социјални мрежи Х.
Законските решенија сега го чекаат официјалното одобрување од Европскиот совет, по што ќе стапат на сила по нивното објавување во Службениот весник на ЕУ.