Dzihat Aliju
17 Јуни 2026•Ажурирано: 17 Јуни 2026
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека по бизнис-форумот во Истанбул, одржан минатата недела, очекува во земјата да се реализираат неколку десетици потенцијални турски инвестиции, јавува Анадолу.
Како што посочи Мицкоски, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, му рекол дека лично ќе се заложи за привлекување што поголем број турски инвеститори во Северна Македонија.
„Како резултат на бизнис-форумот, во периодот што следува очекувам неколку десетици потенцијални инвестиции што ќе се операционализираат. Претседателот Ердоган ми кажа дека лично ќе се заложи што поголем број турски инвеститори да дојдат во (Северна) Македонија, а наша задача е тоа да го препознаеме и да отвориме нови работни места и оние што се надвор од државата да се обидеме, преку добро платените нови креирани работни места, да ги вратиме дома“, рече Мицкоски.
Минатата недела премиерот Мицкоски учествуваше на Бизнис-форумот Турција-Северна Македонија, организиран од Одборот за надворешни економски односи (ДЕИК) во Истанбул.
Во говорот на форумот тој, меѓу другото, ги повика турските бизнисмени да инвестираат во земјата, порачувајќи: „Вратите се отворени, можностите се реални и заедно можеме да ја изградиме иднината.“