Mücahithan Avcıoğlu
16 Јуни 2026•Ажурирано: 16 Јуни 2026
Најбогатите 500 луѓе во светот го зголемија своето вкупно богатство за рекордни 336 милијарди долари во само еден ден, како резултат на силниот раст на глобалните пазари и скокот на вредноста на акциите на „SpaceX“, покажуваат податоците на Индексот на милијардери на Блумберг, пренесува Анадолу.
Оваа добивка, забележана по затворањето на тргувањето во Њујорк вчера, ја зголеми вкупната нето-вредност на 500 најбогати луѓе во светот на рекордни 13,3 билиони долари.
Илон Маск, кој е првиот билионер во светот, уште повеќе го зголеми своето водство на врвот на листата откако неговото богатство порасна за над 10 отсто и достигна 1,27 билиони долари.
Главниот поттик за ваквиот раст е корпорацијата „Space Exploration Technologies“, односно „SpaceX“, која минатата недела го имаше своето деби на берзата. Пазарната вредност на компанијата вчера скокна за 20 отсто откако голем број мали инвеститори побрзаа да ги купат нејзините акции.
Овој раст на вредноста додаде 164 милијарди долари во нето-богатството на Маск во само еден ден, што речиси е еднакво на заедничкиот раст на останатите 499 милијардери од Блимберговиот индекс.
Пазарите пораснаа поради оптимизмот што настана откако САД и Иран постигнаа преоден договор за повторно отворање на Ормускиот Теснец, со што се намалија стравувањата околу глобалното снабдување со енергенти и трговските текови.
Индустрискиот индекс Доу Џонс се искачи на рекордно високо ниво, додека Насдак 100 и индексот МСЦИ Ворлд, исто така, го завршија тргувањето блиску до своите историски максимуми.
Индексот на Блумберг, исто така, покажа зголемување на разликата меѓу најбогатите поединци во светот.
Првите 50 милијардери на листата сега контролираат 6,5 билиони долари, што е речиси еднакво на сумата од 6,8 билиони долари со која располагаат другите 450 луѓе.
Прагот за влез во Индексот на милијардери на Блумберг, исто така, достигна рекордно ниво, при што последните 12 лица на листата поседуваат богатство од по 7,9 милијарди долари.