Almir Terzic
01 Септември 2021•Ажурирај: 02 Септември 2021
САРАЕВО (АА) - „Мора да се почитуваат основните принципи: единство во судењето, во стратешките одлуки, слободите и во сè останато“, порача словенечкиот премиер Јанез Јанша пред почетокот на Бледскиот стратешки форум, што се одржува денеска во Словенија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Мора да постои меѓусебно разбирање, помош и солидарност во сè, исто како и во семејството. Тоа се темелите врз кои може да се изгради иднината“, рече Јанша.
Бледскиот стратешки форум традиционално ги собира лидерите од регионот и земјите членки на Европската Унија, како и претставниците на европските институции.
Покрај претставниците на Словенија предводени од претседателот Борут Пахор, на Форумот присуствуваат и претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, како и специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
Од регионот, на Бледскиот стратешки форум учествуваат премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, како и претседавачот и членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ.