Балкан

Шпанскиот премиер Санчез во Албанија: ЕУ не може да се замисли без Балканот

Со посетата на Албанија, Санчез ја заврши својата турнеја низ Западен Балкан, за време на која претходно ги посети Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора

Saimir Alija  | 01.08.2022 - Обновена : 02.08.2022
Шпанскиот премиер Санчез во Албанија: ЕУ не може да се замисли без Балканот

ТИРАНА (АА) - Западен Балкан е составен дел од Европската Унија (ЕУ), и Шпанија целосно ја поддржува интеграцијата на регионот во 27-члениот блок, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез, кој престојува во официјална посета на Албанија, јавува Агенција Анадолија (АА).

Со посетата на Албанија, Санчез ја заврши својата турнеја низ Западен Балкан, за време на која претходно ги посети Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Тој денеска во Тирана се состана со албанскиот премиер Еди Рама, со кого разговараше за билатералните односи, европскиот пат на земјата и влијанието на украинската војна врз регионот и пошироко.

„ЕУ не може да се замисли без Балканот. Му кажав и на премиерот Рама, мислам дека е позитивна идеја што освен пристапниот процес и договорите што ги склучуваме со секоја земја, создаваме нова европска политичка заедница. Зошто? Затоа што на овој начин ќе имаме можност да разговараме на многу теми за да се воспостави овој однос на повисоко политичко ниво меѓу шефовите на влади и во многу пофлексибилни формати“, изјави Санчез.

Зборувајќи за билатералните односи меѓу Шпанија и Албанија, Санчез ја спомена можноста за доаѓање на шпанските компании на албанскиот пазар и да инвестираат во инфраструктурата, туризмот и енергетскиот сектор.

Тој се осврна и на ситуацијата во Украина, нагласувајќи дека руската инвазија на Украина влијае на целиот меѓународен поредок.

„Оваа војна ни даде многу проблеми и грижи. Оваа војна во Европа никогаш нема да ги промени вредностите што нè обединуваат и верувам дека само ја покажа силата на ЕУ“, рече шпанскиот премиер.

За време на посетата на шпанскиот премиер на Тирана беше потпишан билатерален договор меѓу Албанија и Шпанија за создавање заедничка истражна група во областа на борбата против меѓународниот организиран криминал.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.