Senita Sehercehajic
25 Април 2023•Ажурирај: 26 Април 2023
САРАЕВО (АА) - Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, ги коментираше тврдењата што неодамна се појавија во јавноста за прашањето за сопственоста на државниот имот, пренесува Анадолу.
„Не се точни тврдењата дека прашањето за сопственоста над државниот имот е веќе решено во Дејтон. Станува збор за суштинско прашање кое допрва треба да се реши во оваа земја. Значи, заклучокот е едноставен: политичари од БиХ, завршете ја својата работа! Во поглед на процесот што ќе доведе до решение, потребно е да се разговара за ова прашање на техничко и правно ниво, што ќе води кон прифатливи и одржливи решенија за прашањето на распределба на имотот помеѓу државата, ентитетите, Округот Брчко, кантоните и општините“, порача Шмит во соопштението на Канцеларијата на високиот претставник во БиХ (ОХР).
Високиот претставник потсети дека ентитетите немаат право на отцепување од БиХ и правно постојат само врз основа на дејтонскиот Устав:
„Суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина се неспорни и одлучно ги отфрлам сите видови неодговорни активности во овој поглед.“
Високиот претставник Шмит потсети дека границите во рамките на БиХ не постојат и не можат да постојат, и дека не се прифатливи никакви препреки во однос на слободата на движење во БиХ.
„Задачата на политичарите во БиХ е конечно целосно да го спроведат Дејтон и за него да не зборуваат измислици. Почитувањето на уставниот поредок на Босна и Херцеговина е камен-темелник на долгорочниот мир, стабилноста и напредокот на Босна и Херцеговина. Уставот на БиХ е составен дел на Општиот рамковен договор за мир, а одлуките на Уставниот суд на БиХ се конечни, обврзувачки и мора да се спроведат“, порача Шмит.