Zlatan Kapic
22 Декември 2021•Ажурирај: 23 Декември 2021
БЕЛГРАД
Претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, денеска во Белград изјави дека стабилноста на Балканот е особено значајна за регионот, Европа и светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шентоп денеска во Белград се состана со претседателот на Народното собрание на Србија, Ивица Дачиќ, а по средбата беше одржана и заедничка прес-конференција.
Зборувајќи за односите меѓу Турција и Србија, Шентоп рече дека билатералните односи меѓу двете земји се на највисоко ниво во историјата и дека тие се пример како треба да се развиваат односите меѓу двете земји.
Шентоп рече дека за развојот на односите меѓу Турција и Србија придонесуваат и добрите односи меѓу претседателите на двете земји, Реџеп Таип Ердоган и Александар Вучиќ.
Тој изјави дека очекува оваа година да се постигне планираниот обем на трговска размена од две милијарди долари и дека сега е време да се постават нови повисоки цели на тој план.
Шентоп потсети и дека прават напори соработката да вроди со плод за двете земји во секој поглед, а претседателите на парламентите, како што рече, имаат задача да ја зголемат меѓусебната комуникација на парламентите, а со тоа и на народот.
Претседателот на турскиот Парламент рече дека од утре почнуваат директните летови меѓу Белград и Анкара и рече дека во согласност со потребите ќе се зголеми и бројот на други летови меѓу двете земји.
„Соработката меѓу нашите две земји е многу важна од аспект на стабилноста во овој регион. Трајниот мир и стабилноста на Балканот се од големо значење за регионот, но верувам дека не само за регионот, туку и стабилноста на овој регион е многу важна за Европа и светот“, рече Шентоп.
Шентоп по заедничката прес-конференција остави и порака во Книгата за гости во Народното собрание на Република Србија и ги посети просториите на Собранието.
Претседателот на турскиот Парламент денеска се сретна и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а ќе оствари средба и со премиерката на оваа земја, Ана Брнабиќ.