Admir Fazlagic
25 Декември 2020•Ажурирај: 26 Декември 2020
СКОПЈЕ
Министерката за одбрана на Република Северна Македонија Радмила Шекеринска преку видео врска имаше разговор со новоименуваната министерка за одбрана на Црна Гора, Оливера Ињац, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за одбрана на Република Северна Македонија соопшти дека честитајќи и на црногорската колешка за министерската функција и за изборот на новата влада, министерката Шекеринска ја подвлекла важноста на соработката во регионот на полето на одбраната и кохезивната улога на НАТО каде што двете земји се од скоро членки
„Северна Македонија и Црна Гора се пример за успешна соработка во одбраната и во едукацијата на персоналот и јакнење на одбранбените капацитети. Поддршката што ја добивме од Подгорица за нашиот влез во Алијансата беше поддршка за стабилизација на целиот регион. Вашите искуства од пристапувањето во НАТО се наш патоказ во процесот на интегрирањето во системот на НАТО за што сме ви благодарни“, истакнала Шекеринска.
Министерката посочи дека приемот и функционирањето на Северна Македонија и на Црна Гора во НАТО се показател дека во Алијансата нема големи и мали туку е тоа семејство на еднакви држави, со еднаков глас и еднаква одговорност.
„Во таа смисла Шекеринска подвлече дека Северна Македонија го развива својот Регионален центар за односи со јавност да прерасне во центар за справување со дезинформации и лажни вести, со што НАТО и регионот ќе добијат дополнителен капацитет за борбата против влијанијата кои сакаат да ги поткопаат стабилноста и интегритетот на Западен Балкан", информираат од Министерството за одбрана.
Во соопштението се додава дека на видео средбата станало збор за размена на учество на вежбите идната година во Северна Македонија и во Црна Гора, за што министерката Шекеринска ја истакна важноста на воениот полигон Криволак и инвестициите што Министерството за одбрана и Армијата ги вложуваат за развој на инфраструктурата на полигонот и зголемувањето на неговите капацитети.
Црногорската министерка Оливера Ињац го поздравила членството на нашата земја во НАТО и истакнала дека „одличната одбранбена соработка меѓу двете земји ќе добие на интензитет и дека меѓусебната поддршка ќе продолжи и во Алијансата."