ПРИШТИНА
Министерот за надворешни работи на Република Туркије, Мевлут Чавушоглу, истакнувајќи дека забележува зголемување на тензиите во регионот, рече: „Како Туркије, многупати кажавме дека нема да дозволиме овој регион да се врати во црните денови од 90-тите. На тоа поле правиме секакви активности. Како земја која има добри односи со сите земји од регионот и која може да разговара со секого, ќе продолжиме со нашите напори во таа насока. На прво место ќе ја ставиме дипломатијата. Затоа, дијалогот е исклучително важен за траен мир и стабилност во регионот“, известува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу, кој се наоѓа во посета на Република Косово, се сретна со министерката за надворешни работи на оваа земја, Доника Гервала-Шварц. По тет-а-тет средбата со колешката Гервала-Шварц и средбата на делегациите, Чавушоглу зборуваше на заедничката прес-конференција.
Изразувајќи го задоволството што е во Косово, министерот Чавушоглу потсети дека се наоѓа на последната дестинација од балканската турнеја со која се опфатени пет држави. Тој истакна дека е исклучително задоволен од остварените средби и потсети дека синоќа се сретнале на заедничката работна вечера.
Изјавувајќи дека сакаат да ги развиваат билатералните односи на секое поле, Чавушоглу рече дека ќе се сретне со претседателката на Косово, Вјоса Османи, и со премиерот Албин Курти со кои ќе разговара на кој начин би можеле да ги развијат билатералните односи и како треба да работат заедно за да ги унапредат.
Соопштувајќи дека ќе ги посети и градовите Призрен и Мамуша, Чавушоглу рече: „Ние ја гледаме турската заедница во Косово и Косовците во Туркије како мост на пријателство меѓу двете земји. Ќе оствариме средба и со нив.“
Наведувајќи дека размениле мислења и дале оценка и за прашањата што можат да направат за понатамошен развој на полето на билатералните односи, глобалните и регионалните случувања и ефектите од овие случувања врз регионот, Балканот, Косово и Туркије, Чавушоглу продолжи со зборовите:
„Денес, исто така, имавме можност уште еднаш да ја обновиме нашата поддршка за суверенитетот, територијалниот интегритет и политичкото единство на Косово. Се грижиме за зајакнување на државните институции на Косово и неговата регионална и меѓународна интеграција. Како Туркије, ја поддржуваме перспективата на Косово за членство во евроатлантските институции.“
Нагласувајќи дека економските односи меѓу двете земји напредуваат забрзано, Чавушоглу рече: „Нашиот договор за слободна трговија стапи во сила 2019 година. Видовме како некои злонамерни кругови водеа кампања против овој договор за слободна трговија. Но очигледен е придонесот на овие договори во нашите економски односи. Минатата година, нашата трговија се зголеми за приближно 53 проценти. И косовскиот извоз во Туркије е двојно зголемен. Во првиот квартал од годинава има раст од приближно 21 процент во извозот на Косово во Туркије. Но сметаме дека оваа бројка е недоволна. Веруваме дека Косово има повеќе производи за продажба во Туркије. Додека извозот на Туркије во Косово се зголемува, ние треба да работиме заедно за да го зголемиме извозот на Косово во Туркије.“
Чавушоглу посочи дека во таа насока треба што поскоро да се одржи состанок на Мешовитата економска комисија и со редовно организирање на бизнис-форуми, деловните луѓе да се доведат на исто место.
Истакнувајќи дека турските инвестиции во Косово треба да се зголемат за да се балансира ова, Чавушоглу рече: „Турските инвестиции тука од една страна обезбедуваат вработувања и овозможија работа за повеќе од 10.000 Косовци. Досега има инвестиции од 410 милиони долари. Тоа го зголемува и извозот на Косово во трети земји. Колку повеќе ги зголемуваме и подобруваме можностите за инвестирање и условите на деловните луѓе на Косово, толку повеќе нашите компании ќе инвестираат во земјата. Ќе продолжиме заедно да работиме по овие прашања. И ние ги охрабруваме нашите деловни луѓе да ја зголемат нашата трговија и инвестиции. На пат до овде дознав дека и една компанија за кафе инвестира во Туркије. И јас бев задоволен од тоа. Во таа смисла, тоа е важно како компанија и како приватен сектор од аспект на видливоста на Косово и во Туркије.“
Посочувајќи дека може да се работи на полето на енергетиката, Чавушоглу рече дека со поскапувањето на енергенсите, еден од врвните приоритети за сите е енергијата.
Зборувајќи дека компаниите кои се силни во енергетиката се подготвени да инвестираат во области како што се обновливите извори на енергија, сончевата енергија и ветерот, Чавушоглу продолжи со зборовите: „Тие не сакаат гаранција за купување. На ист начин ќе донесат сопствено финансирање. Ќе ги завршат своите инвестиции во рок од една година. Верувам дека нашите многу силни компании се заинтересирани за овие инвестиции. Косово ќе извезува струја и во земјите во регионот за кратко време.“
Потсетувајќи дека потпишале договор за цивилно воздухопловство, Чавушоглу посочи дека со договорот ќе се зголеми контактот меѓу народите, бројот на туристите и фреквентноста.
Давајќи оценка за турските институции во Косово, Чавушоглу рече: „ТИКА е исклучително активна, досега имаат реализирано повеќе од 700 проекти во Косово. Тие ја продолжуваат својата работа со поддршка на косовската Влада во спроведувањето нови проекти. Покрај нашата поддршка на полето на културата, образованието, благодарение на турскиот културен центар Јунус Емре, фондацијата Маариф, нашата политичка поддршка кон Косово на полето на економијата и на секое друго поле продолжува да се зголемува.“
Нагласувајќи дека постоењето на терористичката организација на Фетула (ФЕТО) на Косово е најголемиот проблем во односите меѓу двете земји, Чавушоглу истакна: „Можеме да кажеме дека тоа е единствениот тест. Освен тоа немаме други проблеми. Присуството на ФЕТО продолжува со своите негативни активности да ги труе нашите односи. Присуството на ФЕТО на Косово, која се обиде да изврши државен удар во Туркије, длабоко нè растажува нас и турскиот народ. Не можам, а да не го кажам тоа тука. Истата стратегија ја гледаме и на Косово, слична на стратегијата што се користеше кај нас во минатото. Од една страна продолжуваат да ги трујат младите, од друга страна ги зголемуваат инвестициите во медиумите. На ист начин продолжуваат со напорите за инфилтрирање во државните институции. Со други зборови, тие го прават тоа што го правеа во Туркије и во другите земји. Затоа, за нас како Туркије е жално во пријателско и братско Косово да го гледаме тоа. Гледаме дека тие се опасни од аспект на сопствената безбедност и иднина на Косово. Вие немојте да ги слушате предлозите на некои земји, кои ви велат ‘поддржете ја оваа организација ФЕТО’ или ‘не ја слушајте Туркије’. Утре ниту еден од нив нема да ви донесе ништо добро. Затоа, тоа е исто така важно и од аспект на вашата безбедност.“
Споменувајќи ја својата посета на пет балкански земји, Чавушоглу го рече следното:
„Почнавме од Белград. И таму ги дадовме истите пораки. Го поддржуваме дијалогот меѓу Приштина и Белград, односно Косово и Србија и сметаме дека договор треба да се постигне преку дипломатија. Дополнително, случувањата во Босна и Херцеговина, случувањата во регионот, украинската војна имаат негативни рефлексии врз регионот, има лекции што треба да се извлечат. Видовме дека се зголемени тензиите во регионот. Како Туркије, постојано повторуваме дека нема да дозволиме овој регион да се врати во црните денови од 90-тите. За таа цел спроведуваме секакви активности. Како земја која има добри односи со сите земји во регионот и која може да разговара со секого, ќе продолжиме со нашите напори во таа насока. На прво место ќе ја ставиме дипломатијата. Затоа, дијалогот е исклучително важен за траен мир и стабилност во регионот.“
Пред одржување на прес-конференцијата, министерот Чавушоглу и косовскиот министер за животна средина, просторно планирање и инфраструктура Либурн Алиу потпишаа Меморандум за разбирање во цивилното воздухопловство за зголемување на фреквенциите на летовите.
news_share_descriptionsubscription_contact
