Furkan Naci Top
20 Октомври 2018•Ажурирај: 21 Октомври 2018
ПРИЗРЕН (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, за активностите на терористичката организација ФЕТО, изјави: „По обидот за државен удар, забрзано се намалува бројот на земјите во кои дејствува, бидејќи голем број земји увидоа каква опасност претставува оваа организација“, јавува Anadolu Agency (AA).
Втората локација што ја посети турскиот министер Чавушоглу, за време на неговата посета на Косово е градот Призрен, каде што се сретна со претставниците на турската заедница.
На средбата, покрај министерот за јавна администрација на Косово, Махир Јагџилар, учество зедоа амбасадорката на Република Турција во Приштина, Кивилџим Килич и генералниот конзул на Турција во Призрен, Ејлем Алтунја. Министерот Чавушоглу, покрај тоа што ги ислуша проблемите и предлозите на турската заедница, одржа и говор.
Истакнувајќи дека не се ефикасни само претставниците од бизнис-заедницата, туку во Косово активности покажуваат и државните институции, Чавушоглу рече: „Само ТИКА на Косово реализира повеќе од 600 проекти. Нивната вкупна вредност е 100 милиони долари. Центарот за култура „Јунуз Емре“ и Фондацијата „Маариф“, која функционира веќе две години, ќе продолжат со своите активности на полето на образованието.
- „Го поддржуваме процесот на дијалогот Приштина - Белград“
Чавушоглу, зборувајќи дека за Турција од големо значење е стабилноста, единството, заедништвото и економскиот развој на Балканот, продолжи со зборовите:
„Ние Балканот не го гледаме како поле за натпревар. Ние не сме ниту нација, ниту земја, како некои држави кои сакаат да предизвикаат проблеми меѓу балканските земји. Затоа го поддржуваме процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина. Знаеме дека тоа воопшто не е лесен процес, но посакуваме процесот да биде завршен на начин кој ќе биде прифатлив и за двете страни. По тоа прашање, подготвени сме да дадеме секаков вид поддршка.“
- „Забрзано се намалува бројот на земји во кои дејствува ФЕТО“
Потсетувајќи дека претходно, ФЕТО дејствувала во повеќе од 160 земји, меѓу кои се наоѓа и Косово, Чавушоглу рече:
„По обидот за државен удар, забрзано се намалува бројот на земјите во кои дејствува, бидејќи голем број земји увидоа каква опасност претставува оваа организација. Увидоа како преку училиштата се инфилтрира во нивните институции. Увидоа што сака да направи во општеството со различни измамнички игри. Тие држави ги зедоа тие училишта и ги префрлија на Фондацијата „Маариф“, или самите управуваат со нив, а ние преку Фондацијата „Маариф“ и Министерството за образование даваме поддршка.“
Чавушоглу изјави дека ФЕТО е многу активна во Косово и посочи дека тоа прашање го поставиле на дневен ред на средбите во Косово.
„Може да се забележи дека и тука има поддршка од трети земји и мисии. Ние знаеме дека таа (организација) не е сама. За жал, продолжи со своите активности и тука. На средбите, нашите соговорници рекоа ’Не дозволуваме никој да дејствува против Турција.‘ Ние имаме очекувања за екстрадиција и сакаме тие да бидат исполнети“, рече шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.