Admir Fazlagic
15 Март 2019•Ажурирај: 16 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Шеснаесет од седумнаесетте обвинети за настаните во Собранието од 27 април 2017 година добија вкупна затворска казна од 211 години. Од нив, поранешниот македонски министер за внатрешни работи, Митко Чавков, доби највисока казна од 18 години затвор, пренесува Anadolu Agency (AA).
По 15 години затворска казна добија полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски, како и Мунир Пепиќ, Јане Чентo, Влатко Трајковски и Никола Митревски.
Вилијам Михајловски доби 14, а Оливер Поповски 13 години затворска казна.
По 12 години добија Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ.
Оливер Радулов, обезбедувачот на поранешниот директор на Управата на бирото за контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски, доби 10 години затвор, а вработениот како обезбедување во Собранието, Абдуљфета Алими, доби 7 години.
На обвинетиот Александар Василевски-Нинџа му е изречена казна затвор од 8 години.
Игор Дурловски, еден од водачите на „За заедничка Македонија“ доби ослободителна пресуда, односно е ослободен од обвинението.
Осудените се товарат за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок“.
По донесувањето на Законот за амнестија од страна на Собранието, 15 лица беа помилувани и за нив беше прекината постапката. Меѓу нив беа и пратениците Сашо Василевски и Крсто Мукоски. За обвинетиот Сашо Марковски постапката се води раздвоено поради нарушената здравствена состојба.
Денешната пресуда ја соопшти судијката Добрила Кацарска, која го води предметот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за настаните од 27 април.
Потсетуваме, вечерта на 27 април 2017 година, во хаотична ситуација, за претседател на Собранието беше избран Талат Џафери, а демонстрантите организирани од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои беа собрани пред зградата на Парламентот, влегоа на сила во зградата.
Како резултат на насилството од страна на демонстрантите кон пратениците, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи пратеници, полицајци и претставници на медиумите.