Almir Terzic
02 Септември 2019•Ажурирај: 03 Септември 2019
САРАЕВО (АА) - Со воведното излагање на словенечкиот премиер и домаќин на форумот Марјан Шарац, во Блед започна Бледскиот Стратешки форум, јавува Anadolu Agency (AA).
Четиринаесетта година по ред, оваа голема меѓународна конференција во регионот ја организираа словенечкото Министерство за надворешни работи и Центарот за европска иднина.
„Извори на (не)стабилноста“ е насловот на годинешниот форум, на кој присуствуваат голем број државници и претставници на меѓународни организации, на граѓанското општество и економијата.
Учесници на овогодишниот форум се естонската претседатека Керсти Калјолаид, шпанскиот министер за надворешни работи и веројатно идниот висок претставник на ЕУ, Џозеф Борел, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, министерот за надворешни работи на Финска, земја претседавач со ЕУ, Пека Хависто, високата комесарка на ОН за човекови права Мишел Бачелет, министрите за надворешни работи на повеќето земји од Западен Балкан и други претставници.
Министерот за надворешни работи на Словенија, Миро Церар, во своето воведно обраќање говореше за важноста на овогодишната централна тема - одржливиот развој.
Тој потсети дека земјите имаат усвоено низа меѓународни договори во борбата против климатските промени и за поправично и поефикасно управување со ресурсите, природните, енергетиките и човечките ресурси.
Церар се осврна и на две важни теми на Форумот, иднината и предизвиците што ја чекаат Европската Унија и важноста на проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан.
„Б во БСФ (Бледскиот стратешки форум) го претставува Блед, како и Балканот, одлучувачката европска политика кон Западен Балкан. Регионот мора да го следи патот на реформите и да ги усвои европските правила и вредности. Меѓутоа, Европската Унија мора да ги исполни своите ветувања дадени во земјите од регионот и да го продолжи проширувањето со земјите од регионот“, рече Церар, истакнувајќи дека Западен Балкан е регион што ЕУ едноставно не може да го изгуби.
Во своето обраќање Церар зборуваше за миграцијата и значењето на безбедноста на границите во согласност со шенгенските меѓународни стандарди и правила.
Церар се осврна и на важноста на заедничкото решавање на глобалните проблеми во рамките на меѓународните организации. „Мултилатерализмот е во опасност“, рече министерот.
Церар на маргините на форумот се состана со министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, и со претседателката на Генералното собрание на ОН, Марија Фернандо Еспиноза.