Stipe Majic
18 Октомври 2019•Ажурирај: 19 Октомври 2019
ЗАГРЕБ (АА) - Хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, се состана со потпретседателката на Владата за реформи во правосудството и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, која претстојува во официјална посета на Република Хрватска, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата е потврдено дека Хрватска и Бугарија имаат исклучително високо ниво на меѓудржавни односи и дека станува збор за традиционално пријателски земји со длабоки врски и односи кои не се оптоварени со спорни прашања.
Министрите разговараа за искуството на Бугарија како неодамнешен претседател на Советот на Европската Унија, што би можело да ѝ помогне на Хрватска за време на нејзиното претседавање во првата половина на 2020 година.
Тие разговараа и за приоритетите на Хрватска за време на тоа претседавање, со посебен акцент на Самитот ЕУ - Западен Балкан што ќе се одржи на почетокот на мај 2020 година.
„И двете земји силно го поддржуваат продолжувањето на проширувањето на ЕУ и јакнењето на стабилноста и безбедноста во европското соседство“, беше порачано.
„Жал ни е што вчера не беше постигнат договор, иако хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ силно се залагаше за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија и Албанија“, рече хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман.
„Министрите, освен за Западен Балкан разговараа и за актуелната ситуација во Сирија“, беше истакнато по состанокот.
Понатамошно јакнење на економската соработка и инвестициите, особено во областа на инфраструктурните проекти и енергетиката, исто така беше важна тема на состанокот. Трговската размена меѓу двете земји минатата година порасна за 38 отсто, а соработката во инфраструктурата, енергетиката и дигитализацијата е покриена со Иницијативата на трите мориња, како и во Дунавската комисија, во чии рамки соработуваат двете земји.
Влегувањето во Шенген зоната, еврозоната и Организацијата за економска соработка и развој (OECD) се целите на надворешната политика на Хрватска, кои се идентични со бугарските.
Потпретседателката на Владата за реформа на правосудството и министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева, истакна дека двете земји во рамките на Дунавската комисија мора да работат на изградбата на прекудунавскиот коридор 7, што е важен за поврзувањето на Хрватска и Бугарија.