Zylfije Adem Jakupi
06 Ноември 2020•Ажурирај: 07 Ноември 2020
ПРИШТИНА (АА) - Првото појавување на Хашим Тачи во судницата на Специјализираните совети на Косово во Хаг ќе биде в понеделник, 9 ноември во 15:00 часот, соопштено е од Специјализираните совети на Косово во Хаг, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Како што се наведува, обвинението против Хашим Тачи е потврдено на 26 октомври 2020 година. Специјализираното обвинителство го уапси обвинетиот на 5 ноември, а потоа истиот ден беше префрлен во притворското одделение на Специјализираните совети во Хаг.
Во обвинението Хашим Тачи се товари за разни видови кривична одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото според меѓународното право.
Првото појавување на Хашим Тачи пред судот ќе се одржи на јавна седница. За време на првото судско рочиште, судијата на претходна постапка проверува дали се испочитувани правата на обвинетиот, вклучително и неговото право на правно застапување, како и дали обвинетиот ги разбира обвиненијата за кои се товари.
Првото појавување на Јакуп Красниќи во судницата на Специјализираните совети на Косово во Хаг, исто така, е закажано за понеделник, 9 ноември, но во 11:00 часот.
Специјализираните совети на Косово во Хаг на 5 ноември објавија обвинение против Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, „кои на 4 и 5 ноември по приведувањето се донесени во притворското одделение на Специјализираните совети на Косово во Хаг“.
Хашим Тачи во четвртокот поднесе оставка од функцијата претседател на Косово, откако беше информиран за потврдување на обвинението против него и се стави на располагање на судот. И Кадри Весели и Реџеп Селими доброволно се предадоа. Јакуп Красниќи беше приведен во Приштина во средата и пренесен е во Хаг.