Zülfiya Yakup
31 Декември 2018•Ажурирај: 01 Јануари 2019
ПРИШТИНА (АА) - Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денес изјави денеска таксата за стоката од Србија може да се укине тогаш кога Србија ќе запре со агресивното однесување кон Косово и дека се надева оти следната година ќе биде постигнат конечен договор со Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Харадинај, на завршната прес-конференција за оваа година, истакна дека, за среќа, некои работи се променети во поглед на дијалогот Косово - Србија, бидејќи Косово добило Преговарачки тим со кој копретседаваат заменикот-премиер Фатмир Лимај и лидерот на опозициската Социјалдемократска партија, Шпенд Ахмети.
„Сега е тешко да се даде импут надвор од оваа делегација, кој има импут или идеи, треба да ги приложи на делегацијата. Јас затоа сиот материјал што го има Владата го предадов, вклучувајќи ја и архивата, а претседателот (Тачи) сега треба да ѝ го открие кој било материјал што го има на делегацијата, бидејќи иако на претседателот му следува да се состанува со претседателот Вучиќ, преговорите не се водат со двајца луѓе. Тие не можат да преговараат за исчезнатите, за економијата, за воената штета, за тоа не преговараат две лица, туку тимови и експерти“, рече Харадинај.
Одговарајќи на новинарско прашање дали се очекува во 2019 година да се постигне конечен договор со Србија, тој кажа дека ќе биде најпаметниот човек во светот доколку би го знаел тоа. Меѓутоа, истакна дека се надева оти ќе се постигне договор, иако тој процес нема да биде лесен, бидејќи како што нагласи процесот бара не само сериозно ангажирање на Косово, Србија и Европа, туку и на Соединетите Американски Држави (САД).
Кога станува збор за таксите од 100 отсто воведени кон Србија и Босна и Херцеговина, Харадинај истакна дека таксите се воведени поради однесувањето на Србија како мала Русија и нејзиното систематично ангажирање против Косово. Тој додаде дека целта на воведувањето такси е на Србија да ѝ се стави до знаење дека тоа мора да се смени.
„Бевме многу втерани зад ѕидот и не можевме да не се браниме. Кога Белград би се согласил да седнеме заедно, но не како досега на состаноци за сликање, туку нешто како што беше Рамбује и Дејтон, кога би имале најавено такво нешто, тогаш би се согледало како да решиме сѐ. Но, нема да ги решаваме работите една по една, мора да ги решиме сите отворени прашања меѓу Косово и Србија, инаку тоа ќе трае со векови. И ние сме заинтересирани да решиме сѐ, и за таксите и за слободната трговија, но и за независноста, признавањето и членството во Обединетите нации и сè што доаѓа со тоа“, рече Харадинај.