Figen Shaban
27 Март 2018•Ажурирај: 28 Март 2018
ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, по седницата на Советот за безбедност, изјави дека по вчерашните настани во Митровица и Приштина, целокупната безбедносна ситуација во земјата е стабилна и дека не планира да поднесе оставка по излегувањето на Српската листа од Владата на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Харадинај вчера не се огласи во врска со апсењето на директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Марко Ѓуриќ, во Митровица, но денес закажа состанок на Советот за безбедност, на кој беше разгледана целокупната безбедносна ситуација во земјата.
Косовскиот премиер, по состанокот рече дека безбедносната ситуација во земјата е мирна и стабилна, истакнувајќи дека апсењето на српскиот официјален претставник не било пријатно, но дека не постоел друг избор, со оглед на фактот дека неговиот влез во Косово бил незаконски.
Поради инцидентите во северно Косово, објави дека претставници на Српската листа излегуваат од Владата на Косово, и дека за оваа одлука се поддржани од претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Со тоа, Коалиционата влада на Косово остана без парламентарно мнозинство.
„Парламентот е составен од неколку парламентарни групи. Српската листа е партнер. Имавме добро партнерство. Вчерашната акција не беше насочена против косовските Срби, политичките претставници, општините и министрите на Србија, туку против оние кои го прекршиле законот. Ова е стандардна постапка, и поради тоа е несфатливо да се донесе одлука за напуштање на Владата“, рече Харадинај.
Косовскиот премиер рече дека не е време за нови избори и дека добил поддршка од многу пратеници.
„Јас не планирам да поднесам оставка. Ќе продолжам да работам. Немам зборови за оние кои влегуваат и излегуваат. Мислам дека таквата одлука не е во интерес на Србите во Косово. Нивните интереси може да бидат унапредени само во институциите. Се надевам дека одлуката ќе биде повлечена“, рече Харадинај.
Во овој контекст, тој рече дека едностраните потези и прекинот на соработката, не се решение.
„Единственото решение е соработката и дијалогот кои прават напредок во јужниот, но и во северниот дел на земјата. Навистина бев посветен на интеграција на сите граѓани, и верувам дека тоа е од големо значење“, изјави премиерот на Косово.