Figen Shaban
11 Септември 2017•Ажурирај: 12 Септември 2017
ПРИШТИНА (АА) - Со свечена церемонија одржана пред Владата на Косово, поранешниот премиер на Косово, Иса Мустафа, ја предаде функцијата во рацете на новоизбраниот премиер на земјата, Рамуш Харадинај, јавува Anadolu Agency (AA).
Со интонација на државната химна на Косово и свечена парада на гардата на Безбедносните сили на Косово (ФСК), поранешниот премиер Иса Мустафа го пречека новиот премиер на Косово, Рамуш Харадинај.
По оваа церемонија, беше одржана средба меѓу поранешниот премиер Иса Мустафа и премиерот Рамуш Харадинај во просториите на премиерскиот кабинет, каде што по овој повод се одржа формалното примопредавање на функцијата премиер на косовската Влада.
Мустафа по овој повод поднесе резиме на информациите околу завршените работи во периодот кога тој беше на оваа функција. Тој посака да се консолидираат договорите со меѓународните финансиски мисии што ги започна претходната влада.
Инаку, премиерот Рамуш Харадинај со 61 глас беше избран за функцијата, на 9 септември 2017 година. Неговиот кабинет се состои од петмина вицепремиери: Бехџет Пацоли (АКР), Енвер Хоџај (ПДК), Фатмир Лимај (Иницијатива за Косово), Далибор Јевтиќ (Српска листа) и Дардан Гаши (ПДК), а пак Бедри Хамза е избран за министер за финансии, Уран Исмајли е министер за здравство, Бесим Бечај – министер за иновации и претприемништво, Дурата Хоџа – министерка за европски интеграции, Абелард Тахири – министер за правда, Кујтим Гаши – министер за култура.
Фламур Сефај е министер за внатрешни работи, Рустем Бериша – министер за Безбедносните сили на Косово, Пал Лекај – министер за инфраструктура, Скендер Речица – министер за труд и социјална заштита, Бајрам Хасани – министер за трговија, Шуќери Бутучи – министер за образование, Далибор Вејтиќ – министер за заедници, Иван Тодосијевиќ – министер за локална самоуправа, Дардан Гаши – министер за дијаспора, Расим Демири – министер за рурален развој, Махир Јагџилар – министер за јавна администрација, како и Ненад Рикало – министер за земјоделство.