Admir Fazlagic
12 Септември 2017•Ажурирај: 13 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Парламентот на Република Словенија, Милан Брглез денеска престојува во официјална посета на Република Македнија, при што беше приредена церемонија за пречек, со сите високи државни и воени почести. Брглез беше пречекан од страна на неговиот македонски колега, претседателот на Собранието, Талат Џафери, а по билатералните средби порачаа оти соработката меѓу двете држави е добра, како и дека двајцата собраниски претседатели ќе вложат заеднички напори за проширување и продлабочување на меѓусебната соработка, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, на заедничката прес-конференција со неговиот словенечки колега Милан Брглез, истакна дека ова е прва официјална посета на Република Македонија од страна на претседател на парламент на држава, во овој пратенички состав, и додаде дека особено го радува фактот што Словенија е и првата држава со којашто Република Македонија има воспоставено дипломатски односи по нејзината независност.
„Го информирав за работата на Собранието за претстојните локални избори, како и за динамиката на работата на Собранието предвидена со Планот 3-6-9 што Владата на Република Македонија го претстави пред граѓаните. Во однос на билатералната соработка, заеднички заклучок е дека таа е добра, но оти треба да се заложиме да биде продлабочена и проширена, особено во сферата во којашто директно како претседатели на парламенти можеме да придонесеме, односно во парламентарната дипломатија“, изјави Џафери.
Тој информираше дека со претседателот на Собранието на Словенија, Брглез, се осврнале и на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), којшто беше институционализиран за време на претседателствувањето на Република Македонија, а оваа година претседава Република Словенија, а за него Џафери посочи дека е важен форум за проширување на регионалната соработка.
Исто така, Џафери истакна дека на денешната средба со Брглез разговарале и за напорите што ги прави Македонија во однос на зачленувањето во НАТО и во ЕУ, при што се заблагодари на поддршка што постојано ја добива од Словенија. Тој додаде дека на средбата со словенечкиот колега разговарале и за соработка во справувањето со мигрантската криза, а Словенија изразила благодарност за сите напори што ги прави Македонија за заедничко справување со овој проблем.
Претседателот на Собранието на Република Македонија изрази уверување дека соработката и поддршката од страна на Словенија ќе бидат продлабочени и проширени во сите сегменти.
Од друга страна, Милан Брглез, претседател на Собранието на Словенија, рече дека Македонија и Словенија се пријателски држави, а парламентите на двете држави имаат можност да учат едни од други.
„За прашањето на вклучувањето во евроатланските интеграции, Република Словенија била и понатаму ќе биде таа што ќе ја поддржува Македонија без какви било условувања. Исто така, морам во името на Република Словенија и во името на Собранието на Република Словенија да се заблагодарам за помошта при решавањето на мигрантската криза“, порача Брглез.
Тој изрази уверување дека со излегувањето од политичката криза се гарантира подобра работа на институциите во Македонија.
Според неговото мислење, за мали држави како што се Словенија и Македоонија, клучно е да застанат заедно и да покажат единство во процесите за остварување на целите во рамките на меѓународната заедница.
По средбите на собраниските делегации на Македонија и Словенија, претседателот на словенечкото Собрание, Брглез, се потпиша во Книгата за впечатоци.
Меѓу другото, Брглез имаше и свое обраќање пред пратениците на Собранието на Република Македонија, по што е предвидено да оствари средба со Бујар Османи, вицепремиерот задолжен за европски прашања на Република Македонија.