ПРИШТИНА (АА) - Судскиот панел на Специјализираните совети на Косово во Хаг донесе првостепена пресуда за единствена казна од 4,5 години затвор и парична казна од по 100 евра на претседателот на Здружението на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати и потпретседателот Насим Харадинај, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обвинетите Гуцати и Харадинај се прогласени за виновни по точка еден за попречување на службено лице во вршење на службена должност со сериозни закани, по точка два од обвинението за попречување на службено лице во вршење на службена должност со учество во заеднички активности на групата, по точка три за заплашување во текот на кривичната постапка, по точка пет од обвинителниот акт за повреда на тајноста на постапката со неовластено откривање на тајни информации и по точка шест за повреда на тајноста на постапката со неовластено откривање на идентитетот и личните податоци на заштитени сведоци.
Судскиот панел ги ослободи обвинетите од точките четири, кои ги товарат за одмазда.
Судот ги осуди двајцата обвинети на по четири и пол години затвор, со задолжение да им се одбие времето поминато во притвор и изречена парична казна од по 100 евра.
„Донесувајќи ја пресудата, судот нагласи дека се работи за правилно спроведување на правдата, интегритет и безбедност на постапката и безбедноста, благосостојбата и правото на живот, без страв од стотици луѓе кои решиле да ја исполнат својата граѓанска должност и да сведочат. Заштитата на сведоците од заплашување и неправда е вградена во самите основи на системот на кривичната правда, како домашен така и меѓународен“, соопштија од Специјализираните совети на Косово во Хаг.
Панелот ги опиша постапките на обвинетите како поткопување на тие темели и според тоа, како закана за правдата.
Панелот утврди дека во септември 2020 година Гуцати и Харадинај откриле доверливи информации поврзани со истрагите и работата на Специјалната истражна работна група и Специјализираното обвинителство на три прес-конференции, преку дваесет појавувања во медиумите и преку соопштенија на социјалните мрежи. Оваа информација беше заштитена со закон. Тие содржеа имиња на стотици сведоци и потенцијални сведоци. Обвинетите ја открија оваа информација со приложување документи кои ги содржат тие информации; им дозволија на другите да гледаат, снимаат, фотографираат и да се поврзат со документите и јавно ја опишаа нивната содржина.
Покрај овие дејствија, Советот утврди дека обвинетите јавно ги нарекле сведоците „предавници“, „шпиони“, „соработници“ и лица кои „говорат само албански јазик“. Во општата клима на заплашување сведоци што владее во Косово долго време, панелот заклучи дека намерата на обвинетите била да ги заплаши сведоците и потенцијалните сведоци и да ги поттикне да обезбедат информации релевантни за истрагите на Обвинителството за поранешните членови на ОВК.
Панелот, исто така, заклучи дека „однесувањето на обвинетите било средство за постигнување на целта: односно да се спречи ефикасна истрага од страна на Обвинителството и кривично гонење на поранешните припадници на ОВК“.
Во врска со обвинението за одмазда, Советот заклучи дека за да постои кривичното дело, поради неговата квалификација во КЗК, Обвинителството морало да докаже, надвор од разумно сомневање, дека обвинетите презеле мерки против одредени сведоци свесни дека информациите дадени од тие сведоци биле барем малку вистинити.
Советот заклучи дека Обвинителството не презентирало докази за тоа правно прашање и затоа ги ослободило двајцата обвинети од обвиненијата за одмазда.
Гуцати и Харадинај беа уапсени во Приштина на 25 септември 2020 година, а беа пренесени во притворот на Специјализираните совети на 25 и 26 септември. И двајцата се изјаснија дека не се виновни по обвиненијата.
Судењето започна на 7 октомври 2021 година. Специјализираното обвинителство го заврши изведувањето на доказите на 10 ноември 2021 година, додека презентацијата на доказите на одбраната на Гуцати започна на 3 декември 2021 година, а одбраната на Харадинај на 15 декември 2021 година. Двата тима на одбраната завршија со изведување на доказите на 2 февруари 2022 година. Доказната постапка за овој случај е завршена на 3 февруари 2022 година.
Во текот на 31-дневното судење, Специјализираното обвинителство повика четворица сведоци, а тимовите на одбраната повикаа 10 сведоци и дадоа 18 писмени изјави на сведоци. Завршните презентации се одржаа од 14 до 17 март 2022 година.
Досега шестмина поранешни политички и воени лидери на Ослободителната војска на Косово беа обвинети пред Специјализираните совети на Косово во Хаг за воени злосторства и злосторства против човештвото, но започна само судењето за случајот против Салих Мустафа.
Судењата за случаите против Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, како и за случајот против Пјетро Шала сѐ уште не почнале, но сите се во притвор во Хаг.