Admir Fazlagic
04 Декември 2020•Ажурирај: 06 Декември 2020
СКОПЈЕ
Министерот за здравство на Република Северна Македонија Венко Филипче, во изјава за медиумите истакна дека се почнати интензивни подготовки за процесот на вакцинација од коронавирусот (Ковид-19), со цел да се припреми здравствениот систем за ефикасен начин на вакцинација, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Во делот на набавката на вакцините, веќе се обезбедени 833 илјади вакцини за 400 илјади граѓани преку КОВАКС механизмот. Тоа е маханизам на Светската здравствена организација, Глобалната алијанса за имунизација во коишто учествуваат сите соседни земји, освен земјите членки на Европската Унија кои имаа можност за директни договори со некои компании. Во рамките на овој систем ќе ги добиваме вакцините согласно планот за дистрибуција којшто КОВАКС ќе го одреди и многу скоро очекуваме конкретна информација од нив“, потенцираше Филипче.
Покрај овој механизам, министерот Филипче изјави дека веќе се доставени барања за директни договори за вакцини до две светски компании „Астра Зенека" и „Фајзер". По иницијалните нивни одговори се чека и дефинитивната потврда дека дополнителна количина ќе може да се набави директно од компаниите.
Што се однесува до процесот на вакцинација и логистичка организација, министерот Филипче рече дека денеска донеле неколку одлуки. Првата е дека вакцинацијата ќе се врши во постоечките капацитети, а тоа се вакциналните пунктови и болниците.
„Ќе се спроведе еден брз процес на тренинг за вакцинирање, согласно спецификите на вакцините за Ковид 19. Сите здравствени работници ќе бидат соодветно обучени“, посочи Филипче и додаде дека за сите овие вакцини коишто се сега на располагање здравствените работници веќе имале искуство од други вакцини коишто се со сличен тип.
Министерот Филипче информираше дека вакцинацијата на здравствени работници ќе се врши во рамките на јавно-здравствените установи во кои тие работат. Вакцинацијата ќе биде бесплатна за граѓаните.
- Во последните 24 часа од Ковид-19 починати 30 лица, регистрирани 1.100 нови случаи
Во последните 24 часа во Република Северна Македонија се регистрирани 1.100 нови случаи на Ковид-19, со што вупната бројка на регистрирани случаи на овој вирус во земјата изнесува 66.330.
Во последното деноноќие од последиците на Ковид-19 се починати 30 лица, со што вкупната бројка на починати изнесува 1.877.
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 585 оздравени пациенти од Ковид-19, со што вкупната бројка на оздравени е 42.241. Бројот на активни случаи на Ковид-19 во земјата изнесува 22.212.
Досега во земјата се направени вкупно 344.085 тестирања на Ковид -19, од кои 2.824 тестирања во последните 24 часа.