БЕЛГРАД (АА) - Србија, Унгарија и Австрија делат голема загриженост поради мигрантската криза бидејќи бројките експлодираа и може да се споредат со 2015 година, беше речено денеска на прес-конференцијата по повод трилатералната средба на Србија, Австрија и Унгарија за ефикасно управување со процесите за миграции што се одржа во Белград, јавува Агенција Анадолија (АА).
Српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин, оцени дека притисокот на границите е огромен и дека не се работи за хуманитарна криза, туку за „криминални банди“ кои ја злоупотребуваат тешката положба на луѓето и ги прекршуваат сите меѓународни прописи.
Тој истакна дека Србија, Унгарија и Австрија, за да ја заштитат не само територијата, туку и начинот на живот на своите граѓани, мора да дејствуваат заедно, строго почитувајќи ги меѓународните и домашните закони.
„Србија од почетокот на мигрантската криза покажа дека е многу хумана, солидарна и организирана, но и дека нема да дозволи да стане паркинг за мигрантите и секојдневниот начин на живот на нашите граѓани да се промени на кој било начин“, рече Вулин.
Министерот за внатрешни работи на Австрија, Герхард Карнер, истакна дека прекуграничниот криминал бара и прекугранична соработка.
Тој наведе дека Австрија е многу погодена од мигрантската криза и дека во првите неколку месеци од годинава се поднесени 58.000 барања за азил, главно од земји кои не ги исполнуваат условите за добивање азил, како што се Тунис, Мароко и Индија.
Посочи дека Австрија, Унгарија и Србија адекватно ќе соработуваат за заштита на границите и истакна дека австриски полицајци и полицајки учествуваат во заеднички патроли на границите на Австрија и Унгарија и на границата на Србија и Унгарија.
Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто, изјави дека земјата е изложена на двоен притисок, при што бегалците постојано пристигнуваат од исток поради војната во Украина и дека досега во Унгарија пристигнале милион и пол луѓе, додека во исто време, јужната граница на Унгарија со Србија, е под екстремен притисок, „дури може да се каже - под опсада“.
Тој, исто така, рече дека тоа не е претерување бидејќи илегалните мигранти и шверцерите на луѓе се вооружиле и не бегаат од употреба на оружје против граничарите.
Изјави дека бројот на мигранти е огромен и дека Унгарија годинава морала да запре 195.000 илегални мигранти на границата со Србија, што не е ни блиску до бројката во споредба со претходните години.
Тој посочи дека досегашната политика на Брисел „во полза на мигрантите“ сега е надополнета со економската криза, што доведува до кризи во снабдувањето со храна.
Сијарто истакна дека таканаречената „Балканска рута“ на миграција станала доминантна и дека поголемиот дел од мигрантите во Европа пристигнуваат преку таа рута.
Тој нагласи дека за Унгарија тоа не е прашање на човекови права и оцени дека тоа е кривично дело, бидејќи „незаконското преминување граници не е човеково право, туку прекршување на законот“.
Додаде дека Унгарија, заедно со Австрија и Србија не само што ги брани границите на тие земји, туку и границите на Европската Унија и посочи дека целта е да се помести одбранбената линија на југ.
„Поради оваа причина“, наведе Сијарто, „Унгарија, Австрија и Србија се согласија да ги здружат силите и уште подобро да ја обезбедат границата меѓу Србија и Северна Македонија.“
Сијарто заклучи дека соработката мора да добие различни димензии и дека мора да се формира сила која ќе биде способна да ја брани границата на Србија и Северна Македонија.
Делегацијата на Австрија и Унгарија на оваа средба ја предводеа сојузниот министер за европски и меѓународни прашања на Австрија, Александар Шаленберг и министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, а делегацијата на Србија ја сочинуваа министерот за надворешни работи, Никола Селаковиќ, министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, министерот за одбрана, Небојша Стефановиќ и директорот на Безбедносно-информативната агенција, Братислав Гашиќ.
news_share_descriptionsubscription_contact
