Zülfiya Yakup
27 Декември 2018•Ажурирај: 28 Декември 2018
ПРИШТИНА (АА) - Косовскиот претседател Хашим Тачи денес изјави дека косовските челници работат сериозно за во наредните месеци да се случи дијалогот помеѓу Косово и Србија, како две суверени држави, и за да се постигне правно обврзувачки договор со кој Косово ќе добие признание од Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Тачи на завршната конференција за новинарите во оваа година, нагласи дека договорот со Србија треба да биде балансиран и да овозможи измена на Резолуцијата 1244 во Советот за безбедност на ОН за Косово и зачленување на Косово во Организацијата на ОН.
„Значи, балансираниот договор е во интерес на мирот и стабилноста на Косово, во Србија и на целиот Западен Балкан, а истовремено е силно поддржан од ЕУ која го предводи овој процес, како и од САД. Поддршката на САД е многу јасна и се создаде нова околност да се постигне договорот што е можно побрзо за да не се изгуби овој момент“, изјави Тачи.
Косовскиот претседател изјави дека ќе ги поддржи правата на Албанците од општините Прешево, Медвеѓа и Бујановац, на јужниот дел на Србија, и дека се надева оти во наредните месеци ќе дојде до официјализирање, како што изјави, на нивните права за припојување со Косово.
Тачи истакна дека сега Косово добило преговарачки тим, изгласан од косовскиот Парламент, кој има голема легитимност, и ќе има и негова целосна поддршка.Тој истакна дека и на денешната средба на косовскиот државен врв и преговарачкиот тим со амбасадорите на земјите членки на Квинтата и претставници на ЕУ во Косово, пренесено е дека Косово е подготвено за дијалог и за постигнување конечен договор со Србија.
Тачи изјави дека тој нема да оди со преговарачкиот тим во Брисел на состанок со челниците на ЕУ кој е закажан за 8 јануари.
„Делегацијата на Косово го има легитимитетот на граѓаните и одговорности добиени од пратениците, избрани од страна на народот, и би било во интерес претставувањето да е уште пошироко, што се надевам дека ќе се случи наредните недели, особено од луѓето кои имаат филозофија на изградба на државата Косово“, изјави Тачи.
Во врска со првите повици за разговори на поранешните припадници на Ослободителната војска на Косово од страна на Специјалниот суд на Косово, претседателот на Косово истакна дека Косово нема од што да се плаши. Тој изјави дека е време црниот облак да се отстрани од Косово, бидејќи борбата на ОВК била чиста и праведна.