Bekim Laci
27 Декември 2018•Ажурирај: 29 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија ја одржува 72. седница на која пратениците му поставуваа прашања на премиерот и на владините министри, практика која се одржува секој последен четврток во месецот, јавува Anadolu Agency (AA).
Пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошовски, од говорницата му постави прашање на премиерот Зоран Заев за писмото на амбасадорот на САД во Скопје, Џес Бејли, во кое тој апелира до судиите да не се повикуваат на неговото име кога изрекуваат притвор. Милошовски ваквото писмо го нарече дипломатски скандал.
„Јас за писмото од амбасадорот до судовите, судските инстанци, разбрав од медиумите и секако сум загрижен, како што и вие сте загрижени. Сфатив дека има шпекулации дека амбасадорот или некој од Амбасадата или кој било, сакал некако да влијае на процесите, сакал да мотивира нешто околу притворот. Не ги знам деталите и не можев да разберам во суштина за каков однос се работи и каде всушност е тоа сомневање што амбасадорот го нотира во самото писмо“, рече Заев
.
„Пораката повеќе ја сфатив дека треба да се испрати до правосудството, до извршната власт, до сите, а не да се „вадат“ на Амбасадата при нивното носење одлуки, вакви или онакви, оти многу често ја злоупотребуваат Амбасадата“, рече премиерот на Македонија, и додаде: „Амбасадорот го има тоа кај мене неколкупати номинирано, кај шефот на опозицијата и кај многу други политички претставници. Јас сум еден од сведоците и во времето на Пржинскиот договор и слично. Се зборуваше ’Американската Амбасада тоа го наметнала, ЕУ тоа го наметнала‘. Сите знаеме дека ние ги носевме одлуките.“
Премиерот на Македонија рече дека САД се стратешки партнер на земјата и дека тоа е сигнал да се истражи што е во суштина причината за таквото писмо.
Заев нагласи дека му наредил на неговиот советник за надворешна политика да разговара со амбасадорот Џес Бејли, но дека тој не бил тука поради празниците.
На денешната седница се обрати и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој од страна на пратеникот Милошовски беше прашан кој прислушувал и кој ги употребил материјалите во скандалот со прислушувањата од 30 септември 2016 година.
Министерот Спасовски рече дека не се работи за прислушување на Јавното обвинителство како институција или суд, туку дека се работи за можност за снимање, што го овозможила централата купена во 2012 година, како и тоа дека истрагата на Јавното обвинителство ќе покаже дали имало злоупотреба.
Во првиот дел од дебатата, Владата беше прашана за измените во Законот за јавните претпријатија во кои е предвидено назначување на заменици-директори, за аерозагадувањето, за реформите во образованието и друго.