Zülfiya Yakup
13 Декември 2018•Ажурирај: 13 Декември 2018
ПРИШТИНА (AA) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, облечен во воена униформа ја посети денеска касарната „Адем Јашари" во Приштина, за да изврши инспекција на Косовските безбедносни сили (КБС), а пред утрешното гласање во Собранието на Косово на законот за трансформација на КБС во војска на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Тачи, кој е претседател на земјата и врховен командант на Косовските безбедносни сили, пред околу 400 построени припадници на КБС, изјави дека Косово само за неколку саати е пред важна одлука за формирање на Војската на Косово, и дека е нормално што војниците имаат посебни емоции овие денови.
Според неговите зборови, припадниците на КБС, како и сите граѓани на Косово, највеќе се заслужни што Косово стасало до оваа одлука, која на КБС им дава мандат на војска.
„Од овој месец, вие девојки и момчиња ќе имате нов мандат и нова мисија како Косовски безбедносни сили, поточно вие сте војската на Косово. Му честитам на Косово. Со почит и гордост ќе служите и ќе ја штитите независноста и територијалниот интегритет на Република Косово, придонесувајќи и во изградбата и зачувувањето на регионалната и глобалната стабилност", истакна Тачи.
Истакнувајќи дека пред пет години, во текот на процесот на ревизија на секторот на безбедноста, заклучено е дека КБС се спремни за нова улога и мисија, Тачи додаде дека припадниците на КБС од секогаш за граѓаните и институциите на Косово биле де факто косовска војска.
Тој истакна дека сега сите политички сили во Косово се единствени во тоа дека со законите кои утре ќе бидат усвоени во Собранието на Косово, Косовските безбедносни сили се трансформираат во војска на Косово.
„КБС се разви во професионална, мултиетничка сила, во согласност со НАТО стандардите, со мултиетничка поддршка и родова застапеност. Вклучувањето на секоја заедница во КБС испраќа најдобр можна порака, ги покажува вредностите и принципите на нашето општество, покажува како заедниците треба да се интегрираат во општестениот живот и институции на демократска држава. Ги уверувам сите заедници на Косово, а посебно српската заедница, дека КБС ќе продолжи да им служи на сите граѓани без било какви етнички разлики. КБС е институција на која граѓаните на Косово највеќе ѝ веруваат", рече Тачи.
Косовскиот претседател нагласи дека КБС се фактор на стабилноста во регионот и пошироко и им се заблагодари на сите партнери и сојузници на разбирањето и поддршката. На редовната седница на Собранието на Косово закажана за утре, на 14 декември во 10 часот, на дневен ред е второто разгледување на нацрт законот за Министерство за одбрана, нацрт законот за Косовските безбедносни сили и нацрт законот за служба во Косовските безбедносни сили.